Четвртата генерација на Octavia влегува во својата нова фаза со обновен изглед, опременост и моторизација
Класиката е секогаш во мода, па затоа не изненадува што Škoda ја задржува филозофијата која ја негува со Octavia цели 27 години. Во склад со овој постулат пристапено е во освежувањето на четвртата генерација на моделот кој досега се продаде во седум милиони примероци.
Токму поради тоа измените се благи, колку да се запази свежината на изгледот и да се потенцира намената. Свежината ја донесуваат новите браници и модифицираната маска на ладилникот. Освежените светлосни групи сега стандардно се опремени со LED технологија со можност за надградба со Matrix фарови за одредени изведби.
Во врвната изведба vRS тие се стандардни. Во внатрешноста се применети одржливи материјали, задржан е 10 инчниот дигитален кокпит додека новост е 13 инчниот дисплеј за инфозабавниот систем.
Доближувањето на вештачката интелигенција е направено преку ChatGPT, систем што овозможува конверзација со услугите овозможени во автомобилот, сега интегриран со говорниот асистент Laurа.
Новост во Octavia се интелигентниот асистент за паркирање и системот за автоматизирано паркирање. За двете каросериски изведби предвидени се четири нивоа на опременост и избор на девет декорации на интериерот. Палетата мотори започнува со 1.5 TSI и 2.0 TDI, и двата со 116 КС.
Следува 1.5 TSI со 150 коњи потпомогнат од 48 волтен хибрид и DSG. Дволитрените TSI добија поголема моќ. Едниот сега има 14 коњи повеќе, вкупно 204, а оној за Octavia vRS сега испорачува 265 КС што е зголемување во однос на претходната генерација за 20 КС. Најсилниот дизел има 150 коњи.
Во понудата остануваат мануелниот шест и седум степениот DSG менувач, а погон на сите тркала е сериски само во верзијата со мотор 2.0 TSI со 204 коњи. Во Македонија обновената Octavia ќе пристигне во летните месеци.


