Иако не се разликува значително од претходникот, Kodiaq носи многу детали кои се дел од новиот дизајнерски јазик „Modern Solid“
Škoda Kodiaq не е најпродаваниот модел на куќата, но секако е еден од најпосакуваните. Тоа го потврдуваат неговите купувачи кои во најголема бројка доаѓаат од најпробирливиот пазар на планетата – Европа.
Зошто радикално да се менува нешто што добро функционира? Впрочем треба само да се модифицира. Затоа не се направени радикални измени на новата генерација на Kodiaq, која како да порачува дека многу поважен е карактерот отколку шминката. Новиот изглед е поддржан со подобрените мотори, вклучувајќи и plug-in хибридна варијанта.
Вкупната должина се зголемува за шест сантиметри, најмногу поради новите дизајни на предните и задните браници, бидејќи меѓуоскиното растојание е само еден сантиметар подолго во однос на претходникот. Ширината на Kodiaq е речиси непроменета, како и висината. Неговиот изглед е модерен и динамичен, со впечатлива препознатливост. Во согласност со принципот формата ја следи функцијата се вградени првите елементи од новата дизајнерска филозофија Modern Solid.
Поставени се нови матрични LED фарови за да му дадат на Kodiaq попрепознатлив изглед. Долниот дел од браникот вклучува широк довод на воздух со воздушни завеси кои го канализираат протокот на воздух за да ја подобрат ефикасноста. На задниот дел продолжува да се користи препознатливиот дизајн на осветлување. Во внатрешноста на новиот Kodiaq има многу дигитализација, но задржани се физички контроли за најчесто користените функции.
Инсталиран е 10-инчен дигитален дисплеј на инструментите и централен со иста големина екран на допир. Ќе биде достапен и опционален 13-инчен самостоен дисплеј на допир. Помеѓу предните седишта има повеќе простор отколку порано бидејќи менувачката палка е преместена во централната конзола, а сите верзии се опремени само со автоматски DSG менувач. Моторизацијата започнува со 1,5 литрениот бензински благ хибрид со 150 КС.
Овој мотор користи електричен систем од 48 волти со стартер-генератор на ремен и литиум-јонска батерија. Технологијата на активни цилиндри може да деактивира два од четирите цилиндри на моторот кога е под помало оптоварување за дополнително да ја намали потрошувачката на гориво. Дво литрениот бензинец произведува до 204 КС, додека постојат две верзии на дво литрениот TDI со моќност од 150 и 193 КС.
Бензинските и дизел моторите со поголема моќност стандардно ќе доаѓаат со погон на сите тркала. Додавањето на plug-in хибридна варијанта на Kodiaq е добра вест. 1,5 литрениот четири цилиндерски бензинец со 150 КС е поврзан со електричен мотор за да произведе комбинирана моќност до 204 КС, придвижувајќи ги предните тркала преку шест степен DSG. Користи батерија од 25,7 kWh што овозможува официјален електричен опсег на возење од повеќе од 100 километри.
Способен е за брзо полнење од 50 kW. Škoda воведува нова опција Dynamic Chassis Control за втората генерација на Kodiaq. Користи два независно контролирани вентили за да ги одвои фазите на враќање и компресија на суспензијата, за разлика од претходната верзија, која користеше еден вентил. Овој ажуриран систем обезбедува поширок опсег на прилагодувања и се тврди дека ја подобрува динамиката на возењето.