Доколку патот ве однесе во Чешка најдете време и посетете го музејот на Škoda во Млада Болеслава.
Музејот на Škoda не е којзнае колку голем, има површина од 1.800 квадрати метри на кои се собрани 130 години историја на марката.
Најстариот експонат е велосипедот Slavia од 1899-та година а поставата сега е дополнета со нова изложба на триесетина концепти и
прототипи, поголем дел досега невидени во јавноста. Меѓу најинтересните експонати се теренското возило Škoda 973 Babeta од 1953-тата за чехословачката војска,
прототипите од кои произлезе моделот 1000 MB или пак работното возило со ознака Škoda 998 налик на Unimog наменето за земјоделството, шумарството и слични други тешки теренски задачи.
Внимание привлекуваат и концептот на средно-голем автомобил од 1971-вата со мотор напред и погон на задните тркала дизајниран од Џуџаро,
серијата функционални прототипи од крајот на истата деценија со различни каросериски изведби како и изведбата на моделот 105/120 со мотор и погон напред.
Погледот не може да го заобиколи ниту интересното баги кое едно време служеше за водење на авионите на аеродромот во Прага или пак
седан и спортската двовратна изведба на Favorit.
Тука се и сите понови концепти кои беа прикажувани по големите салони на автомобили – од елегантната двовратна купе-лимузина Tudor до скулптурата со која се најави новиот Epiq.


