Распродадена Alfa Romeo Giulia GTA

Им требаа дури година ипол за 500 примероци

Една кратка вест со која Alfa Romeo требаше да се пофали покажа колку длабоко е заглавена компанијата

Објавено на 2 октомври 2021 година

Новиот директор на Alfa Romeo Жан Филип Импарато ќе има потешка работа отколку што се мислеше. Иако тој со своите изјави и настапи покажува доволно енергичност да се справи со предизвиците, бројките сепак кажуваат дека ќе му треба повеќе медитеранска темпераментност и инаетливост. Дека е така покажа една кратка вест со која Alfa Romeo требаше да се пофали но таа всушност илустрираше колку длабоко е заглавена компанијата. Се однесува на бисерот на италијанската техника Giulia GTA и нејзината полутркачка варијанта GTAm, за чии лимитирани 500 примероци требаа година ипол да се распродадат.

Точно е дека овој модел направен во чест на истоимениот култен тркач од 1965 година не е за секого и дека со своите 175.000 евра едноставно е прескап. Но исто така е точно и дека други многу поскапи лимитирани модели направи од компании со еднакво звучни имиња се распродаваат уште пред јавноста да дознае за нив. Како капак на сé, со истото можат да се пофалат и сосема непознати марки со дискутабилни производи со превисока цена. Во тој контекст дека на Alfa Romeo сепак им требаа 18 месеци за заокружување на проектот Giulia GTA, делува фрустрирачки.

А возилото тоа со ништо не го заслужува. Направено е со перфектна педантност, екстремна аеродинамика и врвен акцент на перформансите кои ги обезбедува 2,9 литарски твин-турбо V6 мотор со цели 540 коњски сили. Со нив фаќа стотката за 3,6 секунди, но побитно е дека со новата конфигурација на ослонувањето развиена со тркачка помош оваа лимузина се снаоѓа низ свиоците исто како и ултимативен суперавтомобил. Тоа го докажаа и бројните рецензии, а добро го сфатија и купувачите од Кина, Јапонија и Австралија, каде според Alfa Romeo отидоа многу примероци од Giulia GTA.

Како заклучок, без оглед на историјата и исконските напори да се понуди нешто во автомобилска смисла навистина прекрасно, за да се успее во овој денешен свет е потребно малку повеќе. Токму тоа е задачата што го очекува новото раководство на Alfa Romeo ако сака да биде запишано во историјата како спасител на славната марка од вечниот заборав.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER