На Американците V8 моторите им се во срцето и неможат да ги преболат.
Кога стана јасно дека големиот HEMI агрегат мора да се пензионира, како негова замена Stellantis го подготви трилитарскиот шестцилиндричен Hurricane мотор. Опремен со два турбокомпресора, четири вентили по цилиндар, директно вбризгување на горивото и старт-стоп систем, тој има за 15 отсто поголема ефикасност од големите V8 машини со слична силина.
Беше предвидено овој алуминиумски мотор да доаѓа во две варијанти – стандардна со 420 и засилена со 510 коњски сили. Но купувачите се жалеа дека тоа им е малку па инженерите мораа да подготват и негова уште помоќна верзија со 30 коњи повеќе. Таа дебитираше во перформансна изведба на пикапот RAM 1500 која под ознаката RHO во продажба ќе се најде во третиот квартал годинава.
Мускулест во секој поглед, тој е поставен на големи 35-инчни тркала мерено на надворешниот дијаметар. За да можат тие да се сместат поширок е за цели 20 сантиметри. Има нови браници, ревидирана маска и уникатна хауба со интегрирани ЛЕД светла во издигнувањето на средина. За полесно справување со најтешките патеки адаптивното ослонување ја издига каросеријата на цели 300 милиметри над подлогата, а погон на сите тркала и редукторот се стандардни.
Не се занемарени ни перформансите на асфалт – RAM 1500 RHO има максимална брзина од 190 километри на час а до 96 ќе забрза за респектабилни 4,6 секунди. Оние пак што ќе го користат како работна машина ќе бидат задоволни со тоа што може да влече приколка тешка дури 3,8 тони. Покрај богато опремената кабина приказната треба да ја заокружат деветте режими на возење, launch control системот и цената од 72 илјади долари.