Европа на историски минимум
објавено на 21 февруари 2022
Продажбата на нови автомобили падна на најниско ниво од 1990 година – ланскиот лош рекорд сега е уште полош. Според податоците на ACEA, во Европа во јануари се продадени 822.423 возила, што е намалување за 2,4 отсто. Причината се знае – недостатокот на возила заради проблемите со снабдувањето со електронски компоненти. Барем така официјално велат и аналитичарите и производителите, иако резултатите гледано поединечно по земји се дијаметрално спротивни. Така додека Италија и Франција забележаа минус од 19,7 односно 18,6 отсто, Германија е позитивна со 8,5 а Велика Британија со 27,5 отсто. Кај помалите пазари бројките се уште поголеми и се движат од -28,9% во Грција до +72,6% во Словачка. Меѓу производителите продолжија ланските трендови и најголемите VW и Stellantis забележаа опаѓање од 3,7 и 12,4 отсто соодветно, а Hyundai со позитивните 35,8 отсто се искачи на третата позиција поминувајќи ги Renault и BMW. Пред Баварците се најде и Toyota која забележа понатамошен раст од 13,5 отсто, додека најголем пораст од сите забележа Honda, дури 50,7 отсто.


