Во ерата на електрични возила храброст е да се претстави модел исклучиво со мотор на согорување
Неодамна најавениот новитет на Morgan, тврдокорниот англиски производител на романтично обликувани спортски автомобили, стана реалност.
Неговото име е Supersport и ја продлжува традицијата со ретро-модерен дизајн. Патем речено, новиот модел го заменува родстерот со две врати Morgan Plus Six кој по шест години производство отиде во пензија. За разлика од неговиот претходник, за Supersport се нуди и тврд покрив, покрај платнениот.
Бидејќи Morgan не лансира често нов автомобил, Supersport е многу важен за минатото, сегашноста и иднината на компанијата. Целокупниот дизајнерски етос е типичен за марката и лесно може да се препознае од далечина. Сепак, постојат клучни модификации во споредба со неговите претходници.
За почеток, има целосно нова алуминиумска шасија наречена CVX заедно со модерен ентериер кој не ги крие своите референци на BMW и има уште повеќе дрво од претходно, факт што тврдокорните ентузијасти за Morgan ќе ги направи повеќе од среќни.
Со целосно нов дизајн и инженеринг, за Supersport компанијата мораше да направи нови тестови за судир за да добие сертификат. Има и нови 18 инчни и опционални 19 инчни алуминиумски тркала.
Мекиот покрив и тврдиот покрив се заменливи и можат да се користат на истиот автомобил, само што мекиот покрив користи мохер и е достапен во различни бои, додека тврдиот покрив тежи помалку од 20 килограми бидејќи е направен од јаглеродни влакна и офарбан во иста боја како и остатокот од каросеријата.
Под хаубата се наоѓа непроменетиот три литарски твин-турбо мотор на BMW со шест цилиндри во линија со моќност од 335 КС и канализирање на силата до задните тркала преку осум брзински автоматски менувач.
Како и секогаш, новиот Morgan нема да биде евтин. Цената на Supersport започнува од 118.000 евра.