Покрај SL Roadster, Mercedes нуди втор кабриолет во AMG изведба, но овој пат со четири седишта
Нема човек што немал желба да има луксузен кабриолет и со него да се вози во сончевите топли летни денови. За жал тоа е привилегија на мал број од нас.
Оние што може да брцнат длабоко во џебот понуден е CLE 53 4-Matic+. Четириседот е придвижуван од три литарски шестцилиндричен линиски мотор. Произведува 449 КС со помош на турбополнач и дополнителен електричен компресор. Интегрираниот стартер генератор од 48 волти накратко обезбедува дополнителни 23 КС зголемена моќност и дополнителни 205 Nm вртежен момент.
Kако што му стои во името, CLE 53 4-Matic+, има целосно променлив погон на сите тркала и активно управување на задната оска, а силата се дистрибуира преку 9G Speedshift менувач. Во споредба со нормалниот модел на Mercedes, AMG има разгорени браници и поширок трап. Исто така, електронски ограничената максимална брзина од 250 може да се зголеми на 270 км/ч со опционалниот AMG Driver’s Package.
Кокпитот има, меѓу другото, 12,3 инчен дисплеј за возачот и 11,9 инчен централен дисплеј во портрет формат, кој може електрично да се навалува од 15 до 40 степени со цел да се избегнат досадните рефлексии на светлината кога покривот е спуштен. Лентите за амбиентално осветлување се протегаат зад задните седишта. Горниот дел на таблата со инструменти, линиите на ремените и капакот на горниот дел од кабриолетот се покриени со црна напа кожа.
За да се осигура дека кожените седишта нема да се загреваат премногу во лето, тие имаат специјална обвивка што ги рефлектира блиските инфрацрвени бранови од сонцето. Ова значи дека кожата останува до 12 степени поладна од необработената стандардна кожа кога е изложена на директна сончева светлина. Дури и кога горниот дел е затворен, внатрешноста се загрева помалку благодарение на „ладните“ навлаки на седиштата.