Баварците сакаат да го нагласат интензивното возачко искуство и специфичниот карактер на СЅ
Најновиот ограничен дериват на 1.000 примероци на сино-белиот пропелер е позициониран помеѓу M4 Competition Coupé и M4 CSL.
За оваа прилика BMW ги искористи атрибутите на своите спортски адути. М4 СЅ го доби шест цилиндричниот реден моторот со два турбо полначи кои испумпуваат 550 КС што се наоѓа во M3 CS и погон на сите тркала како и М4 CSL. Со намалување на вкупната тежина за 20 килограми забрзува од 0 до 100 км/ч за 3,4 секунди, а за спринтот до 200 км/ч потребни се 11,1 секунди.
Максималната брзина електронски е ограничена на 302 км/ч. Силата на сите тркала се пренесува преку осум степениот автоматски менувач, а за тврдокорните ќе биде разочарување што не постои опција да се нарача мануелен менувач. Иако има xDrive баварците, познати по погонот на задните тркала, дадоа можност да се избере силата целосно да се пренесува на задната оска за лудории, иако максимумот се извлеува од M4 CS со искористување на електронската контрола на погонот на сите тркала што испраќа енергија до тркалата на кои им е најпотребно.
Што се однесува до изгледот дури и вистинските експерти може да се збунат и тешко би ги забележиле разликите помеѓу М4 СЅ и M4 CLS. Еве едно трикче за препознавање. Кај М4 СЅ значката со името е поставена на левата страна на големата маска на ладилникот.
Внатрешноста го содржи вообичаениот фолклор за BMW каде доминира закривен екран кој ги обединува 12,3 инчната дигитална инструмент табла и 14,9 инчниот инфозабавен екран. Како и остатокот од гамата, M4 CS користи BMW iDrive 8.5, но со специфична „М“ графика.
Значајно е намален бројот на физички копчиња во кокпитот, интегрирајќи повеќе функционалност во екраните на допир. Имплементирани се забавни додатоци, како анализатор на дрифтање и тајмер за извозен круг. Во исто време, копчињата М на воланот можат да дефинираат поединечни поставки, вклучувајќи ги реагирањата на менувачот, DSC и, можеби најкорисната во секојдневно користење, автоматското функционирање старт/стоп да биде деактивирано.
Во внатрешноста ќе најдете многу потсетувања каде се наоѓате. За тоа се задолжени буквите „CS“ расфрлани на повеќе места низ кабината, безбедносните појаси со шавови проткаени со заштитните бои на дивизијата М и внатрешни карбонски украсни ленти. Школкастите, исто така, карбонски седишта се пресвлечени со кожа во црно-црвена шема со карактеристични контрастни шевови.
Тие електрично се приспособуваат, имаат греење на седиштата и осветлени логоа M4 CS во потпирачите за глава. BMW M4 CS ќе започне да се произведува во јули во фабриката Динголфинг. Се очекува цената да му биде повисока од 160.000 евра.