Спринтер во семејна улога
И тоа се случи, BMW M3 CS доби караванска верзија која е прикажана во Австралија пред одржувањето на трката Bathurst 12 Hours.
Ова беше вистинско место за лансирање на семеен транспортер со извонредни спортски карактеристики. Како што доликува на модел потпишан од M GmbH, направени се бројни модификации на каросеријата, интериерот и, се разбира, во механиката.
Па да почнеме од моторот. Три литарскиот шест цилиндерски мотор доби заголемен притисок во двете турбини што ја зголеми моќноста за 20 КС повеќе во однос на стандарден M3 Competition. Сега целото семејство може да се радува на 543 КС и 650 Nm вртежен момент. Задржана е осум степената автоматска трансмисија која ја праќа силата на сите тркала.
Доколку видите караван со хауба од карбонски влакна, преден сплитер, предни доводи за воздух, капачиња на крилните ретровизори и заден дифузор, подобро не се закачајте. Можеби M3 CS Touring ќе го препознаете поради новите M тркала од лесна легура со димензии 19 инчи напред и 20 инчи назад.
Најочигледна визуелна промена е новата решетка. Додека бубрезите остануваат исто како обичните М3 и М4, тие сега имаат поотворен дизајн со поостри површини. BMW им даде на LED дневните светла жолта нијанса како знак на своето спортско педигре.
Немојте да се лажете и да застанете на црта на семејниот караван доколку немате сериозен спортски автомобил.
Во спротивно ќе можете да го следите M3 CS Touring само со поглед. Него му требаат само 3,5 секунди да достигне стотка и 11,7 секунди брзинометарот да покаже 200 км/ч. Доколку се одлучи тато да го импресионира семејството ќе го активира стандардниот M Driver’s Package и ќе ги однесе до 300 км/ч.
Сето ова да биде безбедно, направени се промени во електронски контролираните амортизери. Има и засилени сопирачки и опција за карбон-керамички дискови. BMW, исто така, се фокусираше на намалување на тежината на автомобилот, отстранувајќи 15 кг.
Испораките за Европа, Австралија, Јапонија и Јужна Кореја започнуваат во март додека зачудувачки е што на најголемиот пазар за каравани, САД, нема да биде понуден. Цената во Германија се очекува да биде околу 135.000 евра.