Новата Серија 2 Gran Coupe добива помоќни мотори, порасна во висина, должина и опременост
Иако се комуницира како нова, всушност BMW 2 x-Drive Gran Coupe е силно ревидирана по теркот на неодамна лансираната Серија 1 која побуди бројни реакции по прашање на изгледот на предницата.
За воља на вистината и „двојката“ ја има истата предница која, на неодамнешното тест возење на Серијата 1, заклучивме дека е поларизирачка, но смирена. Под кожата кај обновената Серија 2 многу работи остануваат исти, со тоа што автомобилот ги задржува основите на својот претходник.
Но, со поголеми димензии, нова внатрешност, стандарден менувач со двојна спојка и подобрено потпирање таа ќе остане да биде посакуван модел од палетата на Баварците. Пред сѐ поради моторите бидејќи почетните изведби се четирицилиндерски засилени со 48 волтен хибрид. Тоа е бензинската 220 која испорачува 170 коњи, како и 220d со 163 КС.
За љубителите на дизелот ќе се нуди и 218d која нема да има хибридна подршка поради што има 13 КС помалку. Оние кои преферираат поголема понудена е бомбардерската изведба M235 xDrive со 312 КС со 400 Nm достапни помеѓу 2.000 и 4.500 вртежи во минута. Друга голема промена во однос на претходната изведба е воведување на 7 степен менувач со двојна спојка.
Новиот менувач овозможува побрзи префрлувања, додека возилата опремени во M Sport ниво добиваат функција „Boost“, која ги мобилизира силата и потпирањето за максимален напад кога ќе го повлечете и држите левата лопатка за менување на преносите зад управувачот. Продолжувајќи со спортската ориентација опционално ќе биде понудена адаптивната суспензија М, која затемнети задни светла, заден спојлер.
Осумнаесет инчните тркала се стандардни, додека други дизајни и надградба од 19 инчи се опционални. Компактниот седан малку порасна. Меѓуоскиното растојание и ширината остануваат исти, но вкупната должина на автомобилот сега е зголемена за два додека висината е зголемена за 2,5 сантиметри.
Ентериерот ќе биде вегански без понуда на кожен тапацир. Новиот заоблен панел обединува два екрани, пред возачот од 10,25 инчи и централниот од 10,7 инчи. Новиот BMW 2 Gran Coupe ќе започне да се продава од февруари 2025 година кога го очекуваме и кај нас.


