Премиера – Audi A6 Avant

Audi покажува дека со динамичниот, мазен и елегантен дизајн ерата на караваните се враќа на голема врата

Од Инголштат пристигна силна порака, рака на срце, на неконвенционален начин.

Според непишаните правила прво се лансираа седаните, па потоа нивните каравански верзии. Audi сега ги измеша картите. Го претстави новиот A6 Avant преку кого најавува уште неколку изведби. Тоа секако дека ќе биде еквивалентниот седан, а се очекува низата да ја продолжат изведбите A6 Allroad и RS6.

Враќањето на сцена на А6 караван повторно го комплетира германското премиум тројство. Сега пак, како во старите добри времиња, ќе се разгори конкуренцијата помеѓу „Господарот на прстените“, BMW 5 Touring и Mercedes E-Class Estate.

Едно нешто што не може да се негира за A6 Avant е дека има сериозно мазен профил, зафат не типичен за ваков тип возила. Audi се погрижи новитетот да биде најаеродинамичниот караван кој ги носи четирите прстени со погон на согорување.

Во инает на поголемите димензии во однос на претходната генерација, тој може да се пофали со коефициент на отпор на воздухот од 0,25 cd. Само за појаснување, единствениот караван на Audi што го надминува новодојденецот е електричниот A6 E-Tron Avant, кој има 0,24 cd.

Ги споменавме димензиите. Со вкупна должина од 4.990 мм, тој е за 60 мм подолг од неговиот претходник.  На претставувањето Audi вети дека патниците ќе се чувствуваат како во прва класа тврдејќи дека A6 Avant нуди „патување како во ниту едно друго возило во својата класа“.

Изграден на архитектурата PPC (Premium Platform Combustion), нуди опционална адаптивна воздушна суспензија, може да биде опремен со управување на сите тркала и Quattro спортски диференцијал.

Друг клучен елемент на „првокласно патничко искуство“ е технолошки оптоварената и пространа кабина. Тука се вклучуваат дигитален кокпит со три екрани, прилагодлив панорамски стаклен покрив, премиум звучен систем Bang & Olufsen и автоматска контрола на климата во четири зони.

Иако Audi е фокусиран на електрификацијата во новиот A6 Avant се нудат благо електрифицирани бензински и дизел мотори. Тие се застапени со 2.0 TFSI бензинец со четири цилиндри и 2.0 TDI дизел со исто толку цилиндри, и двата произведуваат идентични 204 КС.

Тука е и помоќниот шест цилиндерски 3.0 TFSI со 367 КС. Сите се впрегнати со системот MHEV Plus опремен со батерија од 48 волти, стартер со ремен-алтернатор и електричен мотор/генератор. Со полн гас, електричниот мотор може да обезбеди дополнителни 24 КС и 230 Nm вртежен момент, а исто така користи енергија од сопирањето за полнење на малата батерија.

Според Audi, оваа поставка му овозможува на A6 Avant да вози исклучиво на електрична енергија за време на маневри со мала брзина, како паркирање или ползење низ градскиот сообраќај. Се очекува во иднина да бидат достапни верзии со приклучен хибрид.

Она што охрабрува е што во Германија основниот модел со благ хибриден бензински мотор е со цена од 58.000 евра, што е 1.900 евра поевтино од почетната цена на А6 Avant во заминување.

И згора на тоа, не треба да се заборави дека тој е никулец од кого ќе се изртат уште неколку верзии како A6 Sedan, A6 Allroad и RS6 фокусиран на перформанси, но не е јасно дали  ќе биде со V8 моторот или ќе го употреби приклучниот хибрид со V6.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER