Беше само прашање на време кога Aston Martin ќе направи Roadster верзија новиот Vantage
Производителот на „најгосподските“ супер автомобили уште еднаш ја возбуди публиката. И тоа е вообичаено и се повторува секогаш кога ќе претстави нов модел. Vantage Roadster го комбинира рафинираниот стил на марката со некои задолжителни интервенции типични за кабрио изведбите.
Нема да зборуваме многу за изгледот, ве оставаме самите да уживате и да донесете заклучоци од обемната фото галерија. Сепак, вредно е да се наведат фактите што се скриени испод каросеријата. Поради неопходните зајакнувања, родстер изведбата е за 60 килограми потешка од купето и има скоро идеален сооднос на тежината 49:51 во корист на задната оска.
Сепак тоа нема многу да се одрази на перформансите поради вградувањето на V8 моторот од четири литри со два турбо полначи. Тој испорачува 656 КС и 800 Nm вртежен момент што е за цели 153 коњи повеќе од претходната генерација. Преку осумстепен менувач и електронски контролиран диференцијал со ограничено лизгање оваа огромна моќност се пренесува на задните тркала.
Поради специфичните купувачи што се одлучуваат да купат вакви автомобили, Aston Martin вгради осум различни поставки за контролата на тракцијата, што им овозможува на сопствениците да го приспособат своето возачко искуство на различни услови. Преклопливиот покрив може да се отвора или затвора до брзина до 50 км/ч, трансформација што трае само 6,8 секунди.
Сите модели на Vantage Roadster доаѓаат стандардно со аудио систем со 11 звучници, а исто така, опционално достапен е развиениот заедно со Bowers & Wilkins. Тоа е добра вест за аудиофилите, но вистинската музика, барем за оние на кои им значи, доаѓа од моќниот V8.
Испораките ќе започнат за неколку месеци, но не брзајте затоа што уште не се објавени цените. За секој случај подгответе повеќе од 200.000 евра, а за давачките може и да се зајми некој денар.