Во пресрет на викендот посветен на 24 часовната трка во Ле Ман, Aston Martin претстави нов хипер автомобил.
Се чини дека на светот му недостасуваат хипер автомобили од стариот ков, а планетата е полна со лудо богати луѓе.
По се изгледа тоа му е јасно на менаџментот на Aston Martin и се осмели да претстави комерцијална верзија на својот тркачки хиперавтомобил.
Valkyrie LM е чудовиште што може да се вози само на патека и, во суштина, е надградена верзија на автомобилот што ќе се трка во Ле Ман овој викенд.
Ограничен е на само десет примероци кои се идентични, но се разликуваат по бојата, Valkyrie LM ќе може да го поседуваат само хипер богати сопственици.
Како и тркачкиот автомобил, Valkyrie LM го задржува 6,5-литарскиот атмосферски V12 мотор на Cosworth со 697 КС и поврзан Е со седумстепен менувач што ги погонува задните тркала.
Aston Martin тврди дека 1.030 килограми тешкиот автомобил може да достигне 338 км/ч. Бројките за забрзувањата не се презентирани. Valkyrie LM е едносед со седиште од јаглеродни влакна и тркачки волан што изгледа соодветно на Ф1 болид.
Додаден му е зголемен резервоар за гориво, додека пак е задржана истата двојна суспензија на предниот и задниот дел од тркачката верзија и има исти карбонски сопирачки. Што добиваат сопствениците?
Како што објави Aston Martin, секој што ќе го плати автомобилот ќе биде и негов сопственик. Но… Десетте примероци на Valkyrie LM ќе бидат чувани од страна на компанијата со цел тие секогаш да бидат во перфектна техничка состојба.
Сопствениците ќе мораат да поминат совладување на техниките на возење на нивниот миленик и да положат тркачка лиценца.
Од старана на компанијата секој квартал во годината ќе биде организиран настан на различна Ф1 патека за да можат ѕверовите да бидат истрчани од своите газди, а тие да си приуштат врвна октанска забава.
Транспортот до патеките, подготовката на возилото и техничката поддршка од три инженери и повеќе механичари на лице место повторно е во организација на компанијата.
Таа услуга махерите од Гејдон ја нарекоа „долетај и вози“. Сопствениците ќе треба само да дојдат на патеките за да лично го доживеат искуството на возење, кое е достапно само на возачите од фабричкиот тим на Aston Martin што се натпреварува во трките на издржливост.
Промотивната сесија ќе биде одржана на патеката во Силверстоун и се најавува како ултра ексклузивен настан.
Првите прослави за новите автомобили, хипер богатите купувачи ќе почнат да ги организираат од вториот квартал на 2026 година кога и можеби на некој од нив ќе им се излета колку го платил својот Valkyrie LM.
А колку ќе го чини сопственоста и негувањето на неговиот миленик е „друго дваесет“.

