Кога максимумот не е доволен…
Врвниот модел на легендарната серија инспириран од трките доби повеќе сила и зголемени перформанси благодарение на адаптациите направени на аеродинамиката кои обезбедија двојно поголема сила на потисок. Задното крило, кое е значително поголемо од претходниот модел, се состои од фиксиран главен дел и прилагодлив елемент на врвот.

Напред, преден сплитер го дистрибуира воздухот, а вдлабнатините зад предните тркала го намалуваат динамичкиот притисок во куќиштето на тркалото. За прв пат, во сериско возило на марката е инсталиран систем за намалување на отпорот (DRS), со кого спојлерот може да се дотерува електрично од кокпитот за да се намали отпорот. Во случај на итно сопирање од големи брзини, се активира функцијата воздушна сопирачка, со што спојлерот дава максимален отпор и допринесува на сопирањето. 911 GT3 RS нуди три режими на возење: Нормален, Спорт и Патека. Во режимот на патеката, основните поставки може индивидуално да се прилагодат. Меѓу другото, степените на компресија и враќање на амортизерите на предната и задната оска може да се прилагодуваат посебно и во повеќе фази.

Блокирањето на задниот диференцијал, исто така е прилагодливо со помош на ротациони контроли на воланот. 4,0-литарскиот атмосферски мотор со високи вртежи е оптимизиран во споредба со 911 GT3. 911 GT3 RS забрзува од 0 до 100 km/h за 3,2 секунди и достигнува максимална брзина од 296 km/h во седмата брзина на менувачот со двојна спојка, додека декларираната потрошувачка е 13,4 литри на 100 километри, што одговара на 305 грама CO2 на километар. Тркалата од лесна легура со централен шраф се стандардни и „обуени“ се со пневматици 275/35 R 20 напред и 335/30 R21 назад. Деловите како што се вратите, предните браници, покривот и хаубата, како и стандардните седишта се направени од пластика засилена со јаглеродни влакна, па RS тежи само 1,45 тони. Оваа тежина може да се намали за осум килограми со магнезиумските тркала, дел од пакетот Weissach.

Црната кожа и видливите површини од јаглеродни влакна го карактеризираат пуристички дизајнираниот ентериер. Опционално може да се нарача клупскиот спортски пакет со рол бар, рачен противпожарен апарат и појас со шест точки за возачот. Во Германија Porsche 911 GT3 RS се продава по цена од 245.000 евра.


