По кратка пауза, Porsche 911 Carrera S се враќа со поголема моќност и богата стандардна опрема
Со лансирањето на 992.2, лани во мај, Porsche ја повлече од понудата Carrera S. Не поминаа ниту десет дена од новата 2025 година, во понудата на модели 911 повторно е вратена Carrera S со засилен мотор и зголемена листа на сериска опременост.
Кога ќе биде испорачана на првите купувачи во мај, покрај двете каросериски изведби купе и кабрио, тие ќе се радуваат на 30 КС повеќе. Трилитарскиот шест цилиндерски боксер мотор со твин-турбо сега испорачува 480 КС и 530 Nm вртежен момент. За оваа прилика инженерите вградија нови турбополначи кои овозможија големо оптимизирање на ладењето на воздухот.
Carrera S Coupé забрзува од нула до 100 km/h за 3,3 секунди и достигнува максимална брзина од 308 км/ч. Разочарување на ентузијастите претставува исфрлањето на мануелниот менувач, но за одличните перформанси гарантира осумстепениот автоматик со двојна спојка кој ја пренесува силата на задните тркала. Дел од сериската опременост, покрај Matrix LED фаровите, се новите тркала до 20 инчи на предната и 21 инч на задната оска, нов спортски издувен систем и Porsche Torque Vectoring Plus.
Carrera S доби новиот систем за сопирање за подобрување на динамиката на возењето кој е превземен од 911 Carrera GTS. Стандардно доаѓа со црвени шепи на сопирачките и дискови со димензии од 408 милиметри напред и 380 mm назади, со што се обезбедува извонредно запирање.
За оние што сакаат фабрички да ја набилдаат својата Carrera S, Porsche овозможува опции како карбон-керамички сопирачки и спортската суспензија PASM, која се одликува со 10-милиметри помала висина во комбинација со управување на задните тркала.
Внатрешноста е опшиена со мазна кожа која по барање може да биде накитена со контрасни шевови и има безжичен полнач за паметни телефони. Како и кај останатите варијанти на Carrera, преклопните задни седишта се достапни без дополнителни трошоци како алтернатива на стандардниот распоред со две седишта.