Подготвен за акција
Peugeot изненади – не еднаш, туку повеќепати
Објавено на 23 февруари 2018 година
Секогаш подготвени за акција, Peugeot ни го претставија најновиот член од триото повеќенаменски возила. Прекршувајќи ја традицијата, тој сега ќе се одзива на името Rifter оставајќи ги во недоумица љубителите на марката дали и неговата доставна верзија ќе се прости од називот Partner. Но како и да е, новиот концепт наречен возила за задоволство овозможува максимално искористување на нивната разновидност. Peugeot со новиот назив го потенцира токму тоа – Rifter е возило кое е компактно за градовите, динамично за излети во природата и моќно за подолги патувања. Поставен е за скалило над другите вакви модели од групата со кои ја дели целата механика. Исти му се димензиите и моторите, а според првите информации во кои се споменува дигиталниот i-Cockpit, опременоста му е поатрактивна. Таков му е и изгледот – Rifter има позајмено некои од стилските и функционалните карактеристики на SUV моделите. Ваквите атрибути придонесуваат за потврдување на неговиот карактер како посебна, авантуристички настроена личност.
Тоа беше доволна причина Peugeot да ги ангажира долгогодишните соработници од Dangel да подготват погон на сите тркала. И дизајнерите се потрудија и од новиот Rifter создадоа 4×4 концепт подготвен за сé. Во однос на стандардната верзија има зголемен клиренс за значителни 8 сантиметри, груби теренски пневматици и екстра заштити. За нагласување на неговиот непокорлив карактер на покровот се сместени дополнителни светла и шатор. Иако и вака доволно впечатлив, истакнувањето со деталите е изразено и во внатрешноста. За погон е избран најсилниот дизел со 130 коњски сили, а за комплетирање на сликата се погрижи електричниот велосипед. Rifter 4×4 е повеќе од концепт и прашање на време е кога ќе биде понуден како сериски производ. Дотогаш ќе служи како потсетување дека и стандардниот Rifter опционално може да се добие со 4×4 погон.