Piaggio – MP3

Моторцикли

Засилен и постабилен

Piaggio MP3 веќе 15 години владее во класата што сам ја создаде!

објавено 01. јуни 2021

Големата практичност и чувството за безбедност што го нуди го направија омилено превозно средство меѓу помладите деловни луѓе на кои им пречи градскиот метеж. За да остане така, италијанскиот производител редовно го унапредува и додава нови изведби во гамата. Така сега таа е проширена со верзијата со 400 кубни сантиметри и 35 коњски сили, која задоволството во возењето го дополнува со повисоки перформанси. На располагање е во стандардна и Sport варијанта која се одликува со малку полут изглед. Во понуда остануваат и досегашните две изведби со мотори од 300 и 500 кубни сантиметри и максимална моќност од 26 односно 44 коњски сили. Се разбира, сите ги задоволуваат новите Еуро 5 норми.

Значајно е да се спомене дека најголемата верзија на Piaggio MP3 е прв скутер со три тркала на пазарот кој е опремен со менувач со степен за возење наназад. Целата гама има нови ЛЕД светла, затемнет ветробран со заштита за рацете и подобрено седиште на просторот за совозачот. Поврзувањето со мобилен телефон е подобрено со посебна апликација, а системите против блокирање и пролизгување на тркалата се стандардни. Палетата бои е збогатена, понудата опционални додатоци проширена а цените малку покачени и во Италија стартуваат од 6.900 евра.