Првата сезона во Светскиот шампионат во издржливост Peugeot постигна задоволителни резултати, но не доволни за големината на името
Минатата сезона во Шампионатот на издржливост „лавот од елисејските полиња“ прв пат со својот болид 9Х8 апсолвира цела сезона и еднаш се искачи на подиумот, во Монца. Со оглед дека „лавот“ по подолго време се враќа на овој тип натпревари, беше како меѓу глутница на хиени, но добро се снајде.
Сега се подготвува за новата сезона во која сака да покаже кој е крал на ловот. Peugeot со самодоверба тргнува во новиот Светски шампионат во издржливост со јасна цел, да ја преземе водечка улога во класата на хиперавтомобили со оптимизираниот 9X8.
Дел од подобрувањата е тактизирањето со пневматиците со различна ширина на предната и задната оска. Изборот на инженерите падна на малку потесни напред од претходно и пошироки одзади. Целта беше да се постигне подобра аеродинамичка рамнотежа, па затоа мораше да се прераспределат аеродинамичките оптоварувања. Поради тоа редизајнирани се околу 90 проценти од деловите на телото и додавањето на новот задното крило.
Оливер Јансони, технички директор на Peugeot Sport, нагласи дека покрај големите оптимизации зголемена е самодовербата на целиот тим која се рефлектира преку целосно новиот графички дизајн кој го користи амблемот на брендот во различни размери. Применети се боите што ги користи компанијата во мотоспортот.
Тоа се црната, сивата, белата и криптонит за чие распределување се погрижу Матијас Хосан, директор за дизајн на брендот Peugeot. Новиот 9X8 ќе го има своето деби на 21-ви април на втората трка во сезоната 2024 на FIA World Endurance Championship „шест часа Имола“.


