После 15 години нови возила за полицијата – инвестиција во безбедноста и во достоинството на полицаецот
Македонската полиција го унапреди својот возен парк со 120 нови службени возила како дел од континуираните напори за унапредување на материјално-техничките капацитети на Министерството за внатрешни работи. Новите возила ќе бидат распределени во полициските организациски единици низ државата и ќе придонесат за поефикасно извршување на секојдневните полициски задачи, побрза интервенција на терен и зголемено присуство на полицијата таму каде што граѓаните имаат најголема потреба од безбедност.
Министерот Тошковски истакна дека ваква набавка за полициски возила е прва после 15 години, се работи за модерни и моќни возила со кои полициските службеници многу поефикасно ќе ги извршуваат своите работни задачи. Тошковски додаде дека оваа набавка претставува јасен показател за заложбата на МВР да создава подобри услови за работа на полициските службеници. Возилата во рамки на својата техничка опрема ги имаат сите современи технолошки карактеристики да одговорат на сите предизвици како и секоја друга полиција во светот. Во сите возила ќе бидат инсталирани оние најсовремени Тетра системи со потребни информации за полициските службеници на лице место ги извршат сите оние потребни проверки на евиденција, сите оние анализи на податоци коишто ги имаме во министерството, анализи на прекршочни евиденции и сето останато кое што е потребно за истите бидат ефикасни во рамки на своето работење.
Вредноста на набавката е 202.600.000 со заштедени над 30 милиони денари кои ќе бидат искористени во набавка на друга опрема за полициските службеници. Возилата имаат обезбедена гаранција од пет години редовен сервис што дополнително ги намалува трошоците за нивното одржување. Од Министерството за внатрешни работи посочуваат дека набавката на новите возила е дел од поширок процес на модернизација на полицијата, кој опфаќа и обновување на опремата, дигитализација на процесите, унапредување на обуките и системски реформи со цел создавање професионална, ефикасна и современа полициска служба.
















