Организацијата AutoBest воведе нова европска иницијатива
● Овој настан е првиот независен форум за новите мегатрендови во автомобилската индустрија и влијанието што го имаат врз големите урбани заедници● Инаугуративниот настан на серијата AutoBest самити се одржа во Букурешт, Романија, шестиот по големина град во Европа, во тесна соработка со градското собрание
Објавено на 22 јуни 2018 година
Европскиот AutoBest самит се одржа во Букурешт на 13 јуни годинава во амфитеатарот Александру Јон Куза во романската комора за трговија и индустрија. Овој настан, во партнерство со градското собрание на Букурешт, беше поддржан од сите инволвирани во градскиот сообраќај, животната средина, паркирањето и умните градски решенија. Насловот беше „Автономно возење. Идеално решение? Како? Кога? – Умни решенија за градот Букурешт“. Главната цел на самитот беше да ги собере клучните специјалисти од областите на автономно возење, конективните технологии и еколошкиот погон. Фрливме поглед во автомобилската индустрија за да ги истражиме двете идеи со/без управувач и педали, но исто така и надвор од индустријата кон иновативните компании вклучени во овие мегатрендови – од сајбербезбедноста до правните прашања што произлегуваат од овие длабоки трансформации.
Сите специјалисти кои присуствуваа на самитот работеа директно со извршните органи на градот разгледувајќи што е можно денес и што можеме да очекуваме во блиска иднина. Целта на AutoBest беше на органите на градот, претставниците на медиумите и јавноста да им укаже на решенијата и можностите, но исто така и на ограничувањата на овие технологии и трендови.
Важни личности имаа извонредни настапи и презентации. Меѓу нив беа претседателот на романскиот сенат и познавач на автомобилската индустрија г-дин Калин Попеску Таричеану, градскиот менаџер г-дин Сорин Чирита и претседателот на романската комора за индустрија и трговија г-дин Михај Дарабан. Главен говорник на самитот беше поранешниот главен директор за технологии во Jaguar Land Rover д-р Волфганг Епле, добро познат во европските медиуми како Dr Q, исто како познатиот лик од филмовите за Џејмс Бонд. Со долга кариера во службите за истражувања и развој и неколку врвни позиции во BMW и JLR, д-р Епле како еден од најистакнатите технички експерти во автомобилската индустрија даде значајна перспектива на овие нови мегатрендови и како тие можат да влијаат на големи градови во изнаоѓањето на најдобрите решенија.
Исто така значајно беше учеството на постариот партнер во адвокатската канцеларија Popovici Nitu Stoica & Asociatii г-дин Ернест Виргил Поповичи со своето воведно излагање за комплексните правни прашања кои произлегуваат од автономното возење. Директор за дизајн на Renault г-дин Жан Филип Салар имаше извонредна презентација за перспективата на неговата компанија во автономното возење преку примерот на концептот EZ-GO кој дебитираше на годинешниот салон на автомобилите во Женева. Извршниот директор на Ford Romania NSC г-дин Атила Сабо исто така учествуваше со вредни коментари од перспективата на Ford за иднината на градските заедници.
Другите клучни говорници беа од телекомуникациската компанија Telekom, осигурителната компанија Groupama, компанијата за станици за брзо полнење и управување со возните паркови Axionet, како и од Eurotax. Секој зборуваше за влијанието на овие технологии врз секој аспект од различните полиња на делување што ги претставуваа на самитот. Активно учество на самитот имаа и 17 водечки новинари од медиумите во Германија, Италија, Швајцарија, Холандија, Финска, Русија, Турција, Чешка, Хрватска, Грција, Украина, Унгарија, Србија, Словачка, Бугарија, Македонија и Малта. Некои од нив, многу добро познати во своите земји, беа модератори на самитот – главниот тест уредник на Quatroruotte од Италија Алесио Виола, главниот уредник на Auto Mobiliteit од Холандија Роберт Ван Гинекен, директорот на редакцијата на AutoPro & 4×4 Crossover Lifestyle Magazine од Романија Драгос Крајован и главниот уредник на SAT Plus од Србија Младен Алвировиќ.
„Ова е нова иницијатива што доаѓа од нашата AutoBest организација. Самитот не е случајност, туку последица на кредото на AutoBest, програмскиот документ објавен во Лисабон, Португалија, пред повеќе од една година. Да се направи директен контакт меѓу специјалистите во сите овие мегатрендови и одговорните во градското собрание е најдобрата шанса за изнаоѓање вистински решенија и да се дојде до реалноста надвор од научниот пристап. Со завршувањето на овој самит сметаме дека нашата мисија е постигната со тоа што сите вклучени личности си заминуваат не само со многу појасна перспектива за иднината, туку и со листа што да се направи“, изјави основачот и претседавач на AutoBest и иницијатор на самитот Дан Варди.
Серијата самити на AutoBest се состои од по еден самит година во различна европска метропола. За следниот настан AutoBest организацијата во моментов истражува бројни локации, меѓу кои и Истанбул, Амстердам и Париз. Финалната одлука ќе биде објавена подоцна.