Opel Corsa влезе во брзата лента ⎇ Спортска, привлечна, економична

Спортска, привлечна, економична

Од идната недела Opel започнува со примање нарачки за новата Corsa

Објавено на 29 јуни 2019 година

Шестата генерација на Corsa влезе во брзата лента – после електричната верзија Opel ја претстави и понудата со мотори со внатрешно согорување, чија продажба ќе стартува од идната недела. Позната е и цената, која во Германија ќе изнесува 13.990 евра за основната верзија.

Целокупната гама мотори на шестата генерација на Corsa цели да им понуди на купувачите идеална рамнотежа меѓу ефикасноста и возбудливото возење. Во споредба со моментално актуелните погонски единици, новите агрегати донесуваат значително намалена потрошувачка на гориво и емисија на штетни гасови. Унапредувањата започнуваат веќе со 1,2 литарскиот мотор со 75 коњски сили, кој има просечна потрошувачка од 4,1 литри на 100 километри и емисии на јагленород диоксид од 93 грама на километар. Подобри перформанси обезбедува семејството трицилиндрични турбо мотори со директно вбризгување, исто така со зафатнина од 1,2 литри. Овие алуминиумски агрегати развиваат 100 или 130 KS и нудат широк распон на вртежниот момент за врвни карактеристики во возењето. Високата ефикасност и живите перформанси се огледуваат во максималната брзина на посилниот од 208 километри на час и забрзувањето до 100 km/h за 8,7 секунди. Покрај трите бензински мотори Corsa ќе се нуди и со 1,5 литарски дизел со 102 KS, во чии прелиминарни спецификации се наведени потрошувачка од 3,2 l/100 km и 85 g/km CO₂. Унапредувањата на погонските групи ги опфатија и менувачите, кои во зависност од моторот и изборот на купувачите можат да бидат мануелни со пет и шест степени или автоматски со осум степени.

И опременоста е доста подобрена – веќе основната верзија поседува бројни системи за асистенција како што се предупредувањето за судар со препознавање пешаци и автоматска функција на запирање. Оние што бараат уште повеќе ќе се насладуваат на седиштата со масажа и адаптивните IntelliLux LED матрикс светла без отсјај, кои за прв пат се среќаваат во сегментот на мали автомобили. Тука се и познатите системи како што се препознавањето на сообраќајни знаци и адаптивниот темпомат, но и бочниот чувар чии сензори предупредуваат ако постои опасност автомобилот при маневрирање при мали брзини да се изгребе од некоја странична препрека – столб, ѕид или нешто слично. Списокот продолжува со системите за надзор на мртвите агли, помош при паркирање, асистенција за одржување на возилото во сообраќајната лента, панорамската камера за возење наназад и друго. На возачот и патниците на Corsa им стојат на располагање бројни конективни можности и нов спектар на инфо-забавни системи, како и Opel Connect телематскиот сервис кој нуди навигација со информации во живо за сообраќајот, моментални цени на горивото, а плус и директно поврзување со службите за помош на патиштата и можност за испраќање повик до итните служби.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER