Opel – Јубилеј за почит

160 години страст и развој!

Ретко која компанија воопшто може да се пофали со 160 години постоење. Точно пред толку време Адам Опел во Руселсхајм започна со производство на машини за шиење, и тоа во штала за добиток која му ја отстапи неговиот чичко. Бизнисот сепак беше вносен и годините напорен труд но и неизвесност доведоа до тоа компанијата што го носи неговото име да стане ценета, а тој богат.

Неговите синови пак повеќе ги интересираа велосипедите со кои учествуваа на разни натпревари и освојуваа бројни награди. Самиот Адам за нив сметаше дека се направа за кршење коски но не го игнорираше нивниот пазарен потенцијал бидејќи полесно се продаваа и носеа поголема заработувачка. Така Opel од 1886 година стана производител на велосипеди кои со текот на времето го надминаа бизнисот со машините за шиење и во 1895-тата кога почина Адам Опел компанијата беше лидер и во двете дејности.

Неговите наследници увидоа каде оди иднината и се договорија со Фридрих Луцман кој се обидуваше да конструира автомобил. Се појави во 1899-тата но имаше катастрофална продажба – за три години беа направени само 65 примероци. Партнерството беше раскинато, но браќата Опел не се откажаа од идејата и започнаа со лиценцно производство на возила од францускиот Darracq. Истовремено и сами работеа на сопствен автомобил. Иако беше готов во 1902-рата, со неговото производство се започна четири години подоцна. Вистинскиот успех дојде со претставувањето на популарниот Doktorwagen во 1909 година, кој со својата издржливост и ниската цена беше одлично прифатен од купувачите. Две години подоцна голем пожар ја пеплоса фабриката по што после милион произведени машини за шиење Opel се откажа од нивното производство, за после првата светска војна на велосипедите и автомобилите да им се приклучат и мотоцикли. Сето ова им носеше толку пари што започнаа со изградба на сопствен тест полигон и експериментирање со возила на ракетен погон. При крајот на дваесеттите години од минатиот век Opel беше најголем производител и извозник на возила во Германија. Во 1931 година со серија трансакции General Motors за неверојатна сума од тогашни 33,5 милиони долари ја презеде компанијата која под неговата капа остана скоро 90 години.

Како производител Опел прв ја воведе монтажната лента во Германија што му овозможи огромна заработувачка и доминантно учество на пазарот, што на Американците им го привлече вниманието. Тие на семејството Опел му платија цело богатство, по што компанијата целосно се посвети на автомобилите а бизнисот со велосипеди и мотоцикли беше продаден на NSU. Во оваа декада на раст Opel стана најпродуктивен автопроизводител во Европа и седми во светот. Но тоа беше прекинато во 1940 година со барањето од германските власти место автомобили да се произведува муниција, кое Американците учтиво го одбија и ги затворија погоните. Тие под воена управа повторно проработија две години подоцна снабдувајќи ја германската армија со тенкови и делови за авиони, заради што станаа цел на сојузничките бомбардери.

По завршувањето на војната фабриката во Бранденбург беше демонтирана и испратена во Русија, каде под ознаките на Москвич започна производство на копија на првиот Kadett. Фабриката во Руселсхајм која се најде во американската окупациска зона беше обновена и се врати во рацете на General Motors, по што започна модерната историја на марката во која бројни модели оставија длабоки траги. Најзначаен меѓу нив секако беше Kadett, кој наново беше воведен на пазарот во 1962 година. За малиот семеен седан замислен да биде анти-Volkswagen кој во тајност се развиваше пет години, беше изградена сосема нова фабрика во Бохум.

Тоа овозможи користење на современи технички решенија кои им се допаднаа на германските купувачи. Пространата каросерија имаше далеку помодерен изглед од главниот конкурент, што ги подобри шансите за негов извоз дури и во Соединетите Американски Држави. Успешната приказна со слична техничка основа продолжи уште две генерации, за во 1967 година да се појави првиот Kadett со хечбек каросерија и погон на предните тркала. Лансиран во Велика Британија како Vauxhall Astra, тој беше увод во современиот дел од историјата на компактните модели на Opel која трае и ден-денес. Вториот модел кој ја дефинираше марката во периодот после втората светска војна беше Rekord.

За разлика од Kadett кој беше направен како европски автомобил, тој во себе имаше многу американски гени. Се појави токму во времето кога германското општество имаше потреба од поголеми возила и веднаш стана втор најдобро продаван автомобил во земјата. Техничката шема на која беше направен ја задржа во сите свои осум генерации. Континуираниот раст на марката беше дополнет со низа успешни модели, од Ascona и Manta преку спортскиот GT до големите Kapitän, Admiral и Diplomat и секако Corsa. Комплетираната понуда носеше голема заработувачка која во деведесеттите години му помогна на General Motors да ги покрие загубите што ги имаше на својот домашен пазар.

Но тогаш работите се сменија и од профитабилна компанија Opel стана голем загубар, од кој Американците посакаа да се ослободат. Беа испробани неколку различни формули како тој да се задржи во игра, но загубите од година во година се таложеа до толку што продажбата на компанијата на PSA во 2017-тата беше со олеснување дочекана како од германска, така и од американска страна. Сега Opel ја живее својата нова младост.

Како важен дел од групацијата Stellantis на располагање ги има сите технологии со дозвола сам да го модулира дизајнот и опременоста. Многуте продукти на заедничка основа се појавија под знакот на громот со изразена персоналност. Vizor дизајнот, активните Intellilux LED светла и одличниот Pure Panel заедно со монолитниот впечаток што го остафа новиот дизајнерски јазик се ударна сила на новите Astra и Grandland.

Електрификацијата е јасна одредница на целата групација, но тука Opel избива во преден план со своите решенија за водородни горивни ќелии. Оваа технологија е веќе аплицирана во сериските комерцијални модели што е само чекор поблиску до имплементирање во патничка изведба. Несомнено дека Opel е подготвен да одговори на предизвиците на иднината и да допринесе таа да се дефинира.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER