Од есен ќе се возиме со нови еко-автобуси во Скопје
Објавено на 4 јули 2018 година
Градската администрација ги објави плановите за набавка на нови еко-автобуси со погон на гас, со кои би се замениле старите и дотраени дизел возила на ЈСП без клима и друга опрема. Се очекува да бидат купени најмалку 30 вакви возила, од кои една третина единечни а две третини зглобни. Очекуваната набавна цена е 10 милиони евра, пари кои ќе бидат обезбедени преку кредитна линија. Со овие автобуси не само што ќе се модернизира возниот парк на јавното претпријатие на град Скопје, туку ќе се намалат и загадувањето и трошоците за гориво. Имено, автобусите со погон на гас практично воопшто не го загадуваат воздухот, а за гасот што ќе го потрошат ќе треба двојно помалку пари отколку за дизел гориво.
Во изминатиов период низ градот пробно циркулираа три вакви возила, кои беа отстапени од производителите Mercedes, Solaris и MAN. На улиците на нашиот главен град сé уште вози електричниот автобус на Chariot Motors.