Со стилското освежување популарниот кросовер сега личи на електричната Ariya
Qashqai беше еден од пионерите во класата кросовери. Сега пазарот е преполн со адекватни модели, па да го одржи темпото на продажба Nissan направи освежување на третата генерација.
На прв поглед јасно е дека се зацврстува семејната врска со електричната Ariya на која наликува изгледот на предницата. Зголемената и поубава мрежеста маска е инспирирана од оклопот што го носеле древните јапонски војници, а тенките фарови успешно го разбиваат гломазниот впечаток што го дава предниот дел.
Дотерувањата на задниот дел се поблаги, но вклучуваат нов сет на задни LED светла и модифициран браник чиј поагресивен долен дел е дизајниран да му даде на Qashqai поспортски печат. Она што освежениот Qashqai го нуди е ажуриран инфозабавен систем базиран на Android со вградени мапи и личен асистент на Google.
Дополнително се нуди потполн приказ околу возилото со 3D функција која овозможува на возачот да го види секој надворешен агол, вклучително и птичја перспектива. Посебно згодно остварување е можноста за меморирање на локација на паркинг место. Со неа се зачувуваат често користени места за паркирање и возилото може автоматски да се паркира во нив.
Сепак, сето тоа е шоу, бидејќи комплетно електрифицираната постава на мотори е иста како порано. Nissan сè уште не го нуди Qashqai со чисто електричен погонски склоп или со приклучен хибрид. Купувачите можат да изберат помеѓу два 1,3 литарски мотори со благ хибрид од 140 и 160 КС. 1,5-литарскиот трицилиндерски E-Power е целосен хибрид од 190 КС.
Во оваа верзија моторот на согорување се користи само за погонување на електро моторот преку инвертор или полнење на батеријата од 1,8 киловат часови, а никогаш не ги придвижува тркалата директно.