Јапонскиот бисер над бисерите, Nissan GT-R, започна да ја пее својата лебедова песна.
Технолошкото ремек-дело опстана на пазарот цели 17 години за кои само по малку беше унапредуван затоа што не можеше многу – сé на него уште од стартот беше доведено до перфекција. Токму затоа и последните едиции ќе добијат само пофилигрански уредена внатрешност и поколоритна надворешност, бидејќи мајсторите кои рачно го склопуваат неговиот мотор досега имаат дадено сé од себе. Ентузијастите ќе останат задоволни од карбонските сопирачки, златно обоените 20-инчни тркала и стандардната NISMO динамичка контрола на подвозјето.
Притоа нема да обраќаат внимание на цената која надминува 150 илјади долари, затоа што во прашање е последната едиција на Nissan GT-R од оваа серија од која за американскиот пазар кој е најголем конзумент на овој модел ќе бидат направени само 200 примероци. Што се однесува до неговиот наследник Nissan нема да брза. Тој веќе беше најавен лани на салонот во Токио со здивоодземачкиот концепт Hyper Force, за кој технологиите сé уште не се подготвени. Суперагресивниот автомобил ќе биде електричен и во оваа своја форма располагаше со импресивни 1.360 коњски сили. За напојување на неговите електромотори се предвидени батерии со цврст електролит чиј развој засега не е доведен блиску до комерцијалната фаза. Од Nissan јасно и гласно кажаа дека во никој случај нема да донесат на пазарот полуразвиен производ, барем не кога GT-R е во прашање.


