Молњи летаат од Цуфенхаузен
Со своите 365 коњски сили, новите Porsche 718 Cayman и Boxster GTS стигнуваат до стотка за 4,1 секунда
Објавено на 19 октомври 2017 година
Porsche објави, а цел свет пренесе – пристигнуваа новите 718 Cayman и Boxster GTS. Ентузијастите веќе знаат – станува збор за верзии наменети за нив. Тие ги забележуваат и измените во однос на стандардните верзии на 718. На другите мора да им се укаже дека напред браникот е нов а светлата затемнети, додека назад се истакнуваат масивниот дифузер и спојлерот. Ознаките се лакирани во црно како и кај GTS изведбите на останатите модели, а за комплетирање на впечатокот се задолжени 20-инчните тркала. Сепак поинтересно е она што се наоѓа под поклопецот на моторот. Во Porsche се одлучија 2,5 литарскиот четирицилиндричен турбо да го засилат на 365 коњски сили, доведувајќи го во можност да го лансира Cayman GTS до стотка за 4,1 секунда. За тоа е заслужна и PDK трансмисијата, иако верзијата со мануелен шестстепен менувач ќе биде веројатен избор на вистинските пуристи. Максимална брзина изнесува 290 km/h, додека цената стартува од 76 илјади евра.
Слична е приказната и за неговата верзија без покрив, Boxster GTS. Бројките с исти, се разликува само цената која е за две илјади евра поголема. Продажбата ќе им започне пред крајот на годинава.