Mitsubishi Triton – Дали се подготвува теренот за L200?

Додека Mitsubishi сé уште ја трасира својата европска иднина, на источниот дел од земјината топка цврсто гази низ пазарните пространства.

Таму како дел од редовното обновување на гамата беше подготвена новата генерација на пикапот Triton односно L200 како што беше позната на овие пространства, шеста од појавувањето на моделот пред 45 години. Светски популарниот пикап кој во последно време малку загуби од славата и понатаму ќе се произведува во Тајланд, а на негова основа идната година ќе се појави и новата Nissan Navara.

Дизајнерски се одликува со моќни и цврсти линии а клучните компоненти вклучувајќи ја и шасијата се нови. Ќе се нуди со три типа на кабини, со исто меѓуоскино растојание од 3,13 метри за сите. Должината варира во зависност од изведбата а висината на прагот на товарање е намалена. Ослонувањето е подобрено посебно напред, а заради крутата оска со лиснати пружини назад не му е проблем да влече приколка до 3,5 тони тежина.

За него е определен само еден мотор, но со три нивоа на силина – турбодизелот кој има работна зафатнина од 2,4 литри ќе доаѓа со избор меѓу 150, 184 и 204 коњски сили и шестстепен мануелен или автоматски менувач. Погонот е само на задните тркала или на сите четири преку два различни системи, класичен и со асиметричен централен самоблокирачки диференцијал.

За да се задоволат потребите на сите купувачи ќе се погрижат седум режими на возење и колекција електронски асистенти на возачот, меѓу кои и систем кој со кочење на внатрешното предно тркало го намалува радиусот на вртење. Со очекувана продажба од 200.000 возила годишно овој пикап ќе биде лансиран во повеќе од сто земји ширум светот, а главни пазари ќе му бидат Тајланд со соседните земји и Австралија.

После 12 години ќе се врати и во Јапонија а во плановите на компанијата Европа и Соединетите Американски Држави официјално не се споменуваат. Сепак постои можност и желба компанијата да го пласира и на Стариот Континент, посебно затоа што Nissan повеќе не ја нуди Navara. Но одлука за тоа сé уште нема.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER