Mitsubishi после десет години апстинирање го врати Colt на европскиот пазар.
Водејќи се според идејата зошто да биде комплицирано кога може едноставно, тој сега не е ништо друго освен ребрендирана верзија на Renault Clio. Зошто е така добро знаеме.
Развојот на нов автомобил е доста долг и скап. Целиот процес од претпланирањето до почетокот на сериското производство чини стотици милиони а понекогаш и повеќе од милијарда долари или евра и трае меѓу четири и шест години. Додека се исплати сето тоа ќе помине уште подолго време, под услов продажбата да е во рамките на очекуваната.
А Mitsubishi никогаш не можел да се пофали со силни бројки на европскиот пазар. Colt беше еден од поуспешните модели и во најдобрите времиња стигна до 70 илјади купувачи годишно. Затоа и разликите меѓу неговата нова генерација и францускиот донатор се само кај маската, предниот браник и ретровизорите. Ентериерот со исклучок на амблемот е идентичен, а слично е и опремата која е на располагање.
Механичката понуда ќе стартува со еднолитарскиот трицилиндричен бензинец со 66 во атмосферската и 90 коњски сили во турбо верзијата. Дизелите ги нема во комбинација, а на врвот од понудата е 1,6 литарскиот хибрид со 141 коњска сила. Производството ќе му започне есенва во фабриката на Oyak-Renault во Турција, а за цените нема никакви најави.
Треба да се знае и дека Clio во оваа генерација ќе издржи уште три максимум четири години на пазарот, а што ќе биде после не може да се претпоставува.


