Моделите на MG не се популарни само за европските купувачи
Mарката која во Индија настапува под своето традиционално име Morris Garages го претстави големиот теренец Majestor. Изведен на техничка основа на кинескиот Maxus Territory тој претставува перјаница во понудата и со својата должина од преку пет метри и тежина од 2,4 тони доминира во класата.
За погон користи дволитарски твин-турбо дизел кој развива 215 коњски сили и импресивни 478 њутн метри вртежен момент. Спарен со осумстепен автоматски менувач дава сериозни теренски предиспозиции за што заслуга има и можноста за блокирање на трите диференции.
Може да прегази вода длабока 80 сантиметри а возачот има избор од дури десет режими на возење прилагодени на различни услови и подлоги. Внатрешноста со три реда седишта е осмислена да ги спои луксузот и модерните технологии во согласност со премиум амбициите на моделот.
Доминираат два големи екрани, панорамскиот покрив го нагласува чувството на пространост а безбедносниот арсенал го предводи пакет со напредни асистенции за возачот. Предните седишта имаат вентилација и масажа додека врвниот аудио-систем, амбиенталното осветлување и тризонската климатизација создаваат атмосфера достојна за цената која се очекува да се движи меѓу 36 и 42 илјади евра.
Ќе се произведува во Индија а постојат сериозни назнаки дека ќе биде пласиран и на други пазари меѓу кои скоро сигурно нема да биде Европа.


