Премиерно претставувајќи го радикалниот AMG PureSpeed, Mercedes стартуваше со ексклузивната Mythos серија
Бескомпромисниот отворен автомобил со две седишта ќе ја зоврие крвта на сите. Неодоливо потсетувајќи на дизајнот на легендарните тркачки модели на марката тој кажува дека нуди најдиректен начин да се вкусат перформансите и забавата зад воланот.
Отсуството на покривот и ветробранското стакло ги тера возачот и сопатникот во потполност да ја почувствуваат возбудата, да ја ценат брзината. Дури и кога стои маѓепсува со фасцинантната безвременска силуета. Ниската и долга хауба аеродинамички оптимизирана има препознатлив нос налик на муцка на ајкула истакнат со широкиот всисник за воздух, натписот AMG и темната хромирана трикрака ѕвезда.
Визуелната прецизност се огледува и од малите делумно провидни дефлектори на предната и бочните страни кои спречуваат турбуленциите да го нарушуваат мирот во возењето. Мускулестите рамења над задните тркала се претопуваат во елегантниот и широк заден дел а остро дефинираните елементи од јагленородни влакна даваат силен контраст дополнет со исто така аеродинамички оптимизираниот поклопец на багажникот.
Место предни столбови за безбедноста на патниците се грижи HALO системот познат од формула 1 а задниот спојлер ја менува својата положба во зависност од возењето. Внатрешноста со својата двобојна шема додава посебни акценти, а дизајнот на седиштата е инспириран од воздухот што струи околу возилото.
Впечатлив детаљ е и аналогниот часовник поставен на средината на контролната табла во куќиште со облик на капка чиј софистициран дизајн чини како тој да лебди. На патниците на располагање им се и две кациги со интерфон направени специјално за овој автомобил.
Динамиката ја обезбедува четирилитарскиот битурбо мотор со 585 коњски сили кој импресионира со максималните 315 и забрзувањето до 100 километри на час за 3,6 секунди. Производството е стриктно ограничено на 250 возила, а податоци за цената нема.