Mercedes мора да повлече 774.000 возила
Објавено на 13 јуни 2018 година
Германската влада наложи дека заради софтверот наменет за лажирање на емисиите на штетни гасови Mercedes мора да повлече 774.000 возила со дизел мотор, од кои 238 илјади во Германија, а остатокот низ цела Европа. Според германските авторитети, во најголема мерка се работи за C-класа, Vito и GLC. Daimler не се противеше, туку порача дека ќе го стори тоа, бидејќи на тој начин ќе ги избегне казните. Според него, софтверот на сите возила ќе биде корегиран, но не и отстранет бидејќи Daimler сé уште смета дека тој не е нелегален. Затоа и се очекува дека приказната за „дајмлергејт“ нема да заврши тука – ќе се потроши уште многу време во преговори и убедувања кој, односно дали тој некој е навистина виновен или пак не. Факт кој посочува нешто што виновникот засега не го признава е дека германските власти имаат право да наложат повлекување на возилата само на територијата на Германија, а Daimler ќе го стори тоа на цела Европа, со образложение дека со максимална брзина и кооперативна транспарентност со властите сакаат да ги отстранат сите сомнежи околу апликациите во контролниот систем на моторите за кои владата има замерки. Сепак Daimler одби да навести каде се испорачани останатите возила кои ќе бидат повлечени, порачувајќи дека наводната незаконитост на спорниот софтвер допрва треба да се разјасни.