Крај на оригиналноста
По три генерации и дизајн кој создаде безброј имитатори, CLS оди во музеј
Повлекувањето од производство на CLS не е изненадување, но секако е тажна вест. Првите озборувања за негово повлекување се појавија минатата година, а сега веќе е потврдено од страна на производителот.

Еден ден пред комерцијалното лансирање на новата E Class (W214), купето со четири врати по 19 години кариера и три генерации заминува во пензија. Од Mercedes ваквиот потег го оправдуваат со стратешкото планирање на портфолиото на производи кое се концентрира на рационализација и електрични модели.

CLS е претставен на Саемот за автомобили во Женева во 2004 година како поелегантна и поспортска интерпретација на E Class и веднаш беше прифатен благодарение на својот револуционерен стил, авангарден дизајн во кабината и две индивидуални задни седишта.

Втората генрација ја ограничи практичноста на автомобилот, но малкумина се грижеа кога CLS изгледаше толку добро како што изгледаше. За жал, CLS ја изгуби својата предност и стана непотребен откако AMG GT 4-Door пристигна во 2018 година. Интересно е што тој модел исто така се очекува да биде отфрлен во блиска иднина.

На 31 август оваа година CLS заминува од сцената и со тоа не запира реструктуирањето на моделската понуда од Штутгард. Следни на листата за отстрел се купеата и кабриолетите од C и E класата ќе бидат заменети со целосно новиот CLE, додека купеата GLC и GLE се очекува да живеат само уште една генерација. На караваните на C- и E Class, како и на CLA Shooting Brake полека им истекува времето бидејќи тие не прават големи бројки, а желбата е да се зголеми производството на оние изведби што се масовно прифатени на пазарот.


