Mercedes-Benz S-Class – Обновен за нови предизвици

„С класата“ е икона и сé уште успева да биде еден од најпосакуваните премиум седани.

Повеќе од 70 години, Mercedes-Benz S-Class е избор за купувачите кои се во потрага по врвен луксузен седан. Дури и со силни конкуренти во последниве години, S-класата сè уште владее во премиум сегментот.

Обновената S-класа не се срами од дизајнерските елементи што ја дефинираа со децении. Таа е веднаш препознатлива, со типични за Mercedes светла што ја опкружуваат малку поголемата решетка, поостри детали на браникот и – погледнете внимателно – трокраки ѕвезди што ги обложуваат вертикалните летви на решетката.

На задната страна, дизајнот е инспириран од најновата E-класа. Секое хоризонтално ориентирано задно светло содржи три елементи за осветлување во форма на ѕвезди, поврзани со елегантна лента од хром преку капакот на багажникот.

Дополнителни хромирани акценти ги врамуваат двојните издувни цевки во основата на браникот. Страничниот профил е класичен за S-Class, со изразени стаклени површини за патниците напред и назад и мазна линија на покривот што беспрекорно се влева во капакот на багажникот.

Стандардните 19-инчни тркала со високи краци го заокружуваат премиум изгледот. Внатре, S-Class добива суптилни, но забележливи подобрувања. Некогаш доминантниот Hyperscreen е намален; наместо едно непрекинато стакло, инструмент таблата и централниот екран на допир сега се целосно одвоени.

Mercedes ја нарекува својата нова поставеност „Superscreen“. Се состои од 12,3 инчна дигитална инструмент табла, 14,3 инчен централен екран на допир и 12,3 инчен екран за патници. Системот ја користи најновата верзија на MBUX интерфејсот Mercedes, додавајќи функции како генеративна вештачка интелигенција и вградена интеграција на Google Maps.

Таа технологија се протега и на задните седишта, каде што два 13,1 инчни екрани се монтирани на предните потпирачи. Патниците на задните седишта добиваат два целосно одвојливи MBUX далечински управувачи, а за прв пат, Mercedes нуди вградени апликации како Disney+ и YouTube директно преку MBUX системот.

Можеби најголемата надградба за S-Class е под хаубата. S580 е напојуван од сосема нов четири литарски V8 мотор со рамно коленесто вратило. Моторот произведува 537 коњски сили и 750 Nm вртежен момент, зголемени од благ хибриден систем со интегриран стартер-генератор кој додава дополнителни 23 коњски сили.

Mercedes декларира забрзување од 0 до 100 км/ч само 3,9 секунди. Основниот S500 добива нов мотор со шест цилиндри поставени во линија кој произведува 435 КС и 680 Nm вртежен момент.

И покрај тоа што е модел од почетно ниво, сепак достигнува стотка за околу 4,3 секунди и има електронски ограничена максимална брзина од 210 км/ч. Mercedes, исто така, нуди погон со plug-in хибрид. S580e го спојува ажурираниот шестцилиндричен мотор со електричен мотор за комбинирана моќност од 585 коњски сили – 73 повеќе од претходно.

Mercedes сè уште не ја декларира автономијата, но се очекува да надмине 100 км. Во асортиманот е задржан и три литрениот турбо-дизел со две изведби. Послабата испорачува 313 додека посилната 367 КС.

Кај сите изведби моќноста се пренесува на сите четири тркала преку деветстепен автоматски менувач. Воздушната суспензија Airmatic е стандардна, додека E-Active Body Control со интелигентно адаптивно амортизирање останува опционална. AMG изведбите доаѓаат кон крајот на годинава.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER