Еволуција, не револуција
Со мали, но значајни подобрувања во однос на веќе пензионираниот McLaren720S, промовиран е најсилниот сериски модел на куќата 750Ѕ
Кога станува збор за супер автомобилите скроени по британски терк, McLaren е најистакнат нивен претставник.
Со децении оваа компанија еволуира вметнувајќи во секој следен модел подобрена моќност, намалена тежина, дотеран изглед и дополнителни опции за да се издвои од својот претходник чие производство тивко заврши минатата година. За екплозивноста задолжен е истиот четири литарски V8 со двојно турбо. Сега моторот доби полесни клипови и нов систем за управување на работењето.
Резултатот е 750 коњи и 800 Nm вртежен момент. Моторот „врти“ до 8.500 вртежи во минута, а засилувањето од 30 КС и 30 Nm овозможуваат забрзување од мирување до 100 км/ч за 2,8 секунди во двете каросерии. Спринтот од 0-200 км/ч трае 7,2 секунди во моделот со фиксен покрив и 7,3 секунди во варијантата спајдер. Максималната брзина изнесува 332 км/ч и во двете изведби, вредност што е единствено полоша во однос на претходникот 720S.
Од видливите промени се забележуваат новите браници, потесните доводи за воздух и дифузорот. McLaren нагласува дека за 750Ѕ се направени повеќе „невидливи“ измени. Суперавтомобилот се одликува со најновата верзија на поврзана-хидраулична суспензија на брендот (PCC III), со нови лесни пружини и амортизери и ревидирана геометрија. Компанијата вели дека ова го прави поагилен од 720S, подобрувајќи го чувството и повратните информации.
Внатрешноста не е многу променета. Се наведува новиот централен информативен екран со подобрена графика и надграден систем за камери со заден и 360 степени приказ. 750S се одликува со McLaren Control Launcher (MCL), кој им овозможува на возачите да ги складираат своите омилени поставки за погонската група, менувачот, управувањето и аеродиманимака и да се вратат на оваа конфигурација со притискање на копче.
За околу 300.000 евра можете да станете сопственик на купе верзијата, додека за спајдерот ќе треба да се доплатат 15.000 евра.















