Mazda – цели на премиум?

Поглед во иднината

Нова платформа, нови амбиции

Mazda ја развива новата 6-ка како алтернатива на BMW 3 и Mercedes С

објавено 26. јули 2021

Веќе застарената лимузина Mazda 6 ја очекува својата пазарна пензија, но Јапонците работат на сосема нов концепт кој ќе претставува радикална трансформација на марката. Од седан со погон на предните тркала, идната „шестка“ ќе еволуира со основен погон на задната оска, ќе има реден шест цилиндерски мотор а нема да бидат запоставени ниту дизелите. Доколку ова стане реалност, тогаш Mazda ќе им парира на BMW и Mercedes! Марката од Хирошима секогаш важела за производител на автомобили со нагласени возни својства наменети на рационалните ентузијасти. Бидејќи „шестката“ досега била меѓу моделите што нудат спортско чувство во класата, маркетерите се надеваат дека со погонот на задната оска ќе се даде одговор на германските премиум марки. Се очекува дека дизајнерскиот јазик што го негува Mazda да допринесе на ова одлука. Кон крајот на 2023 година, кога треба да се појави на пазарот, во новата лимузина ќе бидат опфатени сите три решенија на мотори со внатрешно согорување и тоа традиционалниот бензинец, турбо-дизелот и иновативниот Skyactive-X. Исто така, се очекува да биде интегриран нов осум степен автоматски менувач како и погонот на сите тркала i-Activ. Повеќе од извесно е дека линиските шест цилиндерски мотори што се во развој ќе бидат електрифицирани за да се намалат емисиите на штетни издувни гасови.