Кога еуфоријата за „зелени“ автомобили се зголемува, од Хирошима доаѓа весела вест за „традиционалистите“
Малку изненадувачка, но не и неочекувана, дојде веста дека од првиот месец од следната година на европскиот пазар Mazda ќе ја започне продажбата на дизелската верзија на СХ-60, и тоа со ново развиениот турбо дизел со шест цилиндри поставени во линија и зафатнина од 3,3 литри. Тој има две изведби, послабата развива 200 коњи кои се пренесуваат на предните тркала и посилната, од 254 коњи, со дистрибуција на силата на двете оски. Сепак СХ-60 нема да биде чистокрвен дизелаш. Тој го добива стандардниот хибриден систем за засилување со електричен мотор од 12 kW и рекуперација. Mazda декларира стандардна потрошувачка од 4,9 и 5,3 литри на 100 километри и исто така ветува дека ова е еден од најчистите дизел мотори во светот. На тоа придонесува и технологијата на согорување DCPCI (Дистрибуција-контролирано делумно претходно мешано палење со компресија), која обезбедува термичка ефикасност на моторот од над 40 проценти во широк опсег на работа. Помоќната варијанта со погон на сите тркала на Mazda CX-60 e-Skyactiv D испорачува максимален вртежен момент од 550 њутн метри и го забрзува автомобилот од 0 до 100 km/h за 7,4 секунди. Максималната брзина е 219 km/h. Кај послабата верзија се мобилизира вртежен момент до 450 Nm. Двете варијанти се со осумстепен автоматик и може да се нарачаат од крајот на август на пазарите на ЕУ.


