Lexus : LF-Z

Поглед во иднината

Од хибриди на струја!

Електричниот концепт LF-Z ги најавува новиот стил и технологиите за блиската иднина.

објавено 08. април 2021

Со него треба да започне нова ера за марката која до 2025 година ќе претстави најмалку 10 електрични, хибридни и плаг-ин хибридни модели. Како основа за овој луксузен кросовер е искористена нова платформа наменета за електричните модели. Таа има имплементирано технологија за менаџирање на погонската сила на сите четири тркала со која максимално се искористува реакцијата на електромоторот. Од Lexus не споделија никакви информации околу тоа, иако напоменаа дека оваа технологија работи во конфигурации со погон на предните, задните или сите четири тркала.

Значајна техничка иновација е и електронски систем за управување без механичка врска меѓу воланот и тркалата. Не се знае дали тоа заради законската регулатива ќе може да преживее до сериско производство, но затоа кристално е јасно дека дизајнот на LF-Z многу бргу ќе го видиме кај идните модели на Lexus. Предниот дел е интересна и привлечна итерација на сегашната маска која и не е тоа бидејќи се работи за електрично возило кое нема потреба од отвори за воздух. Силуетата е истакната со кратките превиси и големите тркала. Задниот дел е интересно изведен со комплексните ЛЕД светла и дводелното вертикално поставено трето стоп светло, а футуристичка е и внатрешноста. Lexus засега не ги објави плановите за сериско производство на овој модел.