Луксузниот кросовер однадвор веднаш е препознатлив додека вистинските промени се во кабината
Редовното освежување на моделите на британската премиум теренска марка не го заобиколија ниту Discovery Sport. За надворешниот изглед не е направено многу. Одредени изведби добиваат сјајна нова маска на ладилникот, понудата на тркала е зголемена и додадени се нови бои во палетата.
Вистинските ажурирања ќе може да ги забележат само оние што ќе седнат во него. Кабината доби висока технологија, а се одвојува од конкуренцијата по чувството што се добива при престојот.
Возачот веднаш ќе го забележи управувачот со три краци и новата дигитална инструмент табла. Во центарот е поставен заоблен 11,4-инчен Pivi Pro инфозабавен систем кој ги содржи Amazon Alexa и безжичниот Apple CarPlay.
Сега има полесен распоред кој им овозможува на корисниците пристап до 90 проценти од бараните содржини со два допири од почетното мени. Ажурирањата не завршуваат тука. Discovery Sport има редизајнирана и поедноставена централна конзола со нов селектор на менувачот.
Има нов стандарден безжичен полнач за паметни телефони и нов систем за прочистување на воздухот во кабината. Моторизацијата останува непроменета, што значи во игра се сите расположливи агрегати и умерени хибриди.
Една од најинтересните опции е Discovery Sport Р300е, приклучен хибрид кој доби батерија со променет хемиски состав. Тоа овозможи поголема електрична автономија која сега е до 47 километри и побрзо полнење.



