Најмоќната верзија на Defender ќе дебитира на фестивалот на брзина во Гудвуд следната недела.
Кога Британците креваат чалам, тој ја тресе планентата. Тоа и ќе се случи на претстојниот фестивал на брзината во Гудвуд каде е најавена светската премиера на најсилниот рафинат на теренската икона, легендарниот Land Rover Defender.
Повторно во британски стил, избрано е име што го отсликува престиж и ги најавува карактеристиките на новиот модел. Имено ОСТА е кратенка од октаедар, форма која ја дефинира најсилната природна супстанца на планетава – дијамантот.
Некои новиот модел на Defender го нарекоа „луд“ бидејќи му требаат само четири секунди да го совлада спринтот од мирување до 100 км/ч, а постигнува максимални 250 км/ч. Досега најсилниот Defender користеше V8 бензинец од пет литри со суперполнач. Сега, на помош беа повикани Баварците, исто како и во Range Rover, кои го донираа својот 4,4 литарски V8 со два турбо полначи и благ хибрид. Вулканот ослободува 626 КС и 750 Nm, а вртежниот момент се зголемува на 800 Nm со активирана контрола на лансирањето.
Сепак, Defender никогаш не се занимавал со извонредни перформанси на асфалтот, и наместо тоа, тој стана икона поради неговата цврстина и вештина на теренот. Тоа се потврдува и во извонредната серија OCTA. За да ги подобри теренските перформанси новиот модел е за 28 мм повисоко издигнат од подлогата од останатите изведби на Defender и има 68 мм поширок став.
Опремен е со подолги и поцврсти спони за да се подобри артикулацијата на тркалата и се одликува со новата технологија за потпирање 6D Dynamics. Оваа поставка се состои од хидраулично поврзани континуирано променливи полуактивни амортизери за кои Land Rover вели дека го намалуваат наклонувањето на каросеријата на патот, а истовремено ја подобруваат артикулацијата на теренот. Land Rover Defender OCTA автоматски ја открива површината по која се вози и соодветно го оптимизира потпирањето.
Секако дека возачите можат и рачно да ги приспособат програмите за управување. На стандардните шест електронски контролирани програми за однесување додаден е новиот режим на возење наречен според името на моделот – OCTA. Во овој режим овозможена е контрола за стартување надвор од патот, а ABS-от е дотеран за да биде поефикасен на теренска подлога. Благодарение на драматичниот став на новиот модел, тој веднаш се издвојува од останатите варијанти на Defender.
Уште еден важен податок за авантуристите со длабок џеб. Land Rover Discovery OCTA може без никакви пречки да поминува вода длабока еден метар. Има 22 инчни тркала со пневматици Goodyear Advanced All-Terrain, разгорени лакови на тркалата, темелно ревидирана маска на ладилникот и нов заден браник со четири издувни цевки.
Сите примероци на OCTA ќе имаат двобојна каросерија со црно офарбан покрив и задна врата, а сопствениците можат да изберат мат заштитна фолија која ќе се нанесува по каросеријата. Промените продолжуваат во кабината.
Достапни се две нови опции на тапацири, додека стандардно, Defender OCTA вклучува полуанилински материјал наречен Burnt Sienna со текстилно врамување Kvadrat Ultrafabric. Land Rover, исто така, се потруди да дизајнира нови седишта за новитетот и инсталира нов аудио систем за кој брендот вели дека ќе им овозможи на сите во кабината да ја слушаат музиката, но и да ја почуствуваат.
Првично Defender Octa Edition One нуди специјално дотерана опрема и боја Faroe Green. За сладокусците интересен ќе биде податокот дека новиот Land Rover Discovery OCTA ќе може да се нарача од 31-ви јули, а цената во Германија ќе биде 185.000 евра. Тоа значи дека кај нас таа би била повисока поради неправеднитиот данок за моторни возила што го инкасира државата.