Третиот дериват на култниот Defender пристигна во најголемото пакување!
Растегнувањето на кабината за 34 сантиметри во однос со изведбата 110 сега овозможува превоз за осморица плус доволно простор за нивните ранци. Доколку по потреба горостасот треба да се претвори во транспортер нуди максимален капацитет од 2.516 литри со преклопени седишта. Според Land Rover, трите дополнителни седишта во третиот ред се „полни седишта“.
Зголемувањето на должината на телото ги задржува незапирливите теренски способности на Defender. Изразената проодност подржана е со плејада електронски системи способни да му дадат комплетна поддршка на возачот во било какви околности. Во духот на марката е во внатрешноста да се употребуваат материјали отпорни на долгогодишна тешка експлоатација, а воедно се еколошки.
Лансирањето започнува со едицијата „прво издание“ која е намонтирана со богата спецификација и има три верзии. Тие се достапни со моќните и ефективни Ingenium мотори. Бензинците се шест цилиндерски со ознака според силата, Р300 и Р400, и се електрифицирани со уменерен хибрид од 48 волти. Исто толку цилиндри и зафатнина имаат и дизелашите од истото семејство со 250 и 300 коњи и мамутски вртежен момент од 600 и 650 Nm.
Во инает со големите пропорции и маса овие мотори се способни да истрчаат до стотка во рамка од 6,3 до девет секунди. Land Rover Defender 130 веќе е достапен за околу 87.000 евра. Со првиот примерок Land Rover ја слави платинестата година на владеењето на кралицата Елизабета Втора со подарување на Нејзиното височество специјално изработен Defender 130 за употреба од страна на Британскиот Црвен крст.


