Италијанскиот производител тужи еден свој дилер бидејќи продавал возила на криминалци
Ете и тоа го има – Lamborghini е на суд со еден свој овластен трговец во Америка заради тоа што продавал возила на луѓе со криминални досиеја – сводници, дилери со дрога и лица осудени за измами и перење пари. Колку и да звучи необично, грижливо негувајќи ја својата ексклузивност Lamborghini бира кој ќе може да вози нивни автомобил и им наложува на своите дилери стриктно да го почитуваат тоа. Но зелените банкноти очигледно биле премногу примамливи за компанијата Gold Coast Exotic Import од Илиноис која во 2023-тата продала 32 возила на препродавачи без да знае каде тие завршуваат иако според договорот со Lamborghini можела да продава само на крајни купувачи или на други овластени дилери на марката.
Во тужбата се споменува и дека заради добрите резултати оваа компанија од 2019-тата наваму има добиено 4 милиони долари на име бонуси како и дека земала провизии на црно за возилата кои според нејзината евиденција наводно биле продадени на угледни личности – лекари, спортисти и слично. Италијанскиот производител посебно е лут затоа што дел од овие возила биле ексклузивни модели од ограничени серии. Лути се и во Gold Coast тврдејќи дека Lamborghini им должи стотици илјади долари за преуредување на салонот и маркетиншки трошоци и дека сето ова е само да се тргне од чело долгогодишниот претседател на компанијата.
Како и да е, судот ќе каже кој е во право.



