Кинески марки наоѓаат производствени капацитети и ја пласираат својата технологија во Европа
Засега традиционалните производители срамежливо ги споделуваат информациите за влегувањето на кинеските марки во нивните фабрики. За возврат тие ќе ги користат технологиите за погон и подвозја што ги развија кинеските инженери.
Според информации кои никој не сака да ги потврди вишокот капацитети во фабриката во Сандерленд Nissan ќе му ги отстапи на Chery. Доколку успешно завршат преговорите кои сé уште се во рана фаза корист ќе имаат и двете компании – Nissan ќе оствари комерцијална добивка а Chery ќе биде подготвен за поагресивен настап во Европа.
Не е тајна дека кинеската компанија веќе некое време бара производствени партнери на Стариот Континент затоа што не сака да троши време и ресурси за изградба на своја фабрика. Тој веќе произведува во Шпанија и тоа токму во некогашните погони на Nissan за кои се смета дека нема да бидат доволни за исполнување на плановите. Но тоа не е сé.
Се раширија гласини дека Stellantis покрај Leapmotor ќе му овозможи и на Hongqi да ги произведува своите возила во фабриката во Сарагоса. Зошто токму оваа кинеската луксузна марка не треба да изненадува – таа е во сопственост на FAW кој исто така има акции и во Leapmotor.
Позната како историски симбол на државната автомобилска индустрија во Кина, Hongqi чие име во превод значи црвено знаме има поставено амбициозни цели за Европа чие остварување на овој начин полесно ќе го започне. За сличен чекор размислува и Geely кој наводно веќе има разговарано и договорено со Ford да откупи дел од неговата фабрика во Валенсија.
Се споменува дека во преговорите е разгледувано и тоа Кинезите да произведуваат еден модел кој Ford тој би го продавал како свој. Но најголемо изненадување се шпекулациите дека Volkswagen би му продал една фабрика на BYD.
И тоа не било која туку стаклената во Дрезден која важеше за симбол на техничкиот напредок на германскиот производител. BYD веќе има фабрика во Унгарија, гради втора во Турција и ги разгледува опциите за трета така што реално не му треба баш оваа фабрика, но ако ја купи ќе ѝ удри врела шлаканица на европската автомобилска индустрија. Како и да е, едно е јасно – списокот фабрики кои ќе преминат во кинески раце нема да заврши тука.



