Еден од трендовите на европската автомобилска сцена годинава ќе бидат малите, компактни и достапни електрични автомобили.
KIA е пионер на пазарот на електрични возила и има за цел да игра значајна улога во она што се предвидува дека ќе биде втор по големина сегмент во Европа. Новиот електричен модел EV2 е развиен и произведен специјално за Европа. Со должина од 4,06 метри и се позиционира во Б сегметот на спортско-корисни возила. Кутиестата силуета, високиот преден дел и аголните, црни рамки на тркалата јасно потсетуваат на поголемиот EV9.
Речиси вертикалниот преден дел, со својот препознатлив, вертикален светлосен потпис, е особено впечатлив. Во спортската верзија GT-Line, црните акценти со висок сјај на предната решетка, браниците и капаците на светлата за магла создаваат попрефинет изглед. Внатре, KIA останува верна на својата нова дизајнерска ДНК. Ова значи дека во кокпитот доминира континуиран инфозабавен панел, кој се состои од 12,3 инчен дисплеј за возачот, централен екран на допир со еднаква големина и 5,3 инчен монитор за контрола на климата.
Планирани се ажурирања преку интернет и идни надградби на функциите. Базиран на електричната платформа со меѓуоскино растојание од 2,57 метри нуди конфигурација со четири и пет седишта, секоја со независно прилагодливи задни седишта кои можат да се лизгаат и спуштаат. EV2 нуди до 403 литри простор за багаж во верзијата со четири и 362 литри во изведба со пет седишта. EV2 е напојуван од електричен мотор од 108 kW, кој е поврзан со две големини на батерии. 42,2 kWh е наменета за стандардната верзија и 61 kWh за варијантата со долг дострел.
KIA најавува електричен дострел до 317 и до 448 километри во зависност од големината на батеријата. Двете варијанти имаат архитектура од 400 волти и поддржуваат брзо полнење со еднонасочна струја. Се очекува батеријата на стандардниот модел да се полни од 10 до 80 проценти за 29 минути на компатибилни станици за брзо полнење со еднонасочна струја, додека на поголемата батерија ќе ѝ требаат неколку минути повеќе.
Технолошката офанзива вклучува и целосно поврзано искуство типично за електрични возила. Интегриран планер на рути работи заедно со функциите Charge и Plug & Charge, овозможувајќи непречено полнење без картички или апликации. Вклучени се и двонасочни можности за полнење и размена на енергија преку V2L и V2G, што овозможува напојување на надворешни уреди или враќање на електрична енергија во мрежата.
Пакетот е заокружен со сеопфатен избор на системи за помош на возачот, вклучувајќи помош при автопат, предупредување за фронтален судир, интелигентен темпомат, монитори за слепа точка и опкружувачки поглед и напредни асистенти за паркирање. Меѓу нив е и „Remote Smart Parking Assist Entry“, кој овозможува возилото да се маневрира однадвор со помош на паметниот клуч – функција претходно недостапна во овој сегмент. EV2 е вториот целосно електричен модел од фабриката на KIА во Жилина, по EV4.
Верзијата со стандарден опсег ќе се промовира идниот месец, по што ќе следат варијантите со долг опсег и GT-Line во јуни. KIA ќе ги објави цените и деталите за опремата при лансирањето на пазарот.


