Реновирање на легендата по стар терк
За да го задржи својот статус, Jeep ја обнови сегашната генерација на Wrangler која е на пазарот од 2017 година.
Пред два месеца редизајнот беше суптилно најавен со специјална серија на Rubicon која со својата забележливо помала маска предизвика раскол меѓу поклониците на легендата. За некои таа беше вовед во новото современо доба, а за други пак премногу мека за да се најде на еден ваков модел кој има задача љубоморно да ја одржува традицијата.

Сега пак кога сите осамнаа со таква маска, се чини дека раководството на Stellantis токму тоа сакаше да го предизвика за да го сврти малку пазарното внимание од ривалскиот Ford Bronco кој се продава одлично. И тоа без дизел мотори, заради што и обновениот Wrangler ќе ги нема.

Динамиката во возењето сега ќе ја обезбедуваат познатите бензинци со четири, шест и осум цилиндри со максимални меѓу 270 и 470 коњи, а за авангардните во сфаќањата ќе биде наменет плаг-ин хибридниот 4xe модел со неговите 380 коњски сили.


Измените во кабината се малку подлабоки бидејќи за вградување на новиот мултимедијален систем предната плоча мораше да биде целосно редизајнирана. Инструмент таблата остана иста но во нова пластична рамка а отворите за воздух се четириаголни место тркалезни, така што елеганцијата мораше да отстапи пред модерната електроника. За возврат системот за навигација нуди повеќе од три илјади интересни рути за off-road возења, но само со претплата.

Од останатите унапредувања вреди уште да се споменат страничните воздушни завеси за првиот и вториот ред седишта кои Wrangler досега ги немаше и новата теренска задна оска за ултимативната Rubicon изведба. Таа опционално може да се опреми и со предно витло способно да повлече 3,6 тони.

Некои ќе забележат уште и дека архаичната антена веќе ја нема од десната страна покрај вратата туку сега е вградена во рамката на ветробранското стакло. Цените на ажурираниот Wrangler засега не се објавени, а паралелно со него уште некое време во продажба ќе останат и сегашните верзии.


