Лани го обновија а годинава го исфрлаат од понудата
Моделот кој ја започна интернационалната ренесанса на марката го напушта и европскиот пазар – Stellantis планира до крајот на годинава да го запре производството на Jeep Renegade во Италија. Предавајќи му ја штафетата на Avenger, најмалиот Jeep пред него имаше успешна 11-годишна кариера. Потенцијалот за тоа го доби со препознатливиот изглед и од платформата на Fiat на која заедно со 500X беше поставен, но и одлично прилагодената моторна понуда според желбите на купувачите за секој регион посебно.
Дебитираше во 2014-та година на салонот на автомобилите во Женева и беше прв Jeep кој се продаваше во Америка а не се произведуваше таму. На врвот на популарноста освојуваше по повеќе од сто илјади купувачи на Новиот Континент, скоро 80 илјади во Европа, 70 илјади во Бразил, 26 илјади во Кина… Вкупно од него се продадени преку два милиони примероци. Американскиот пазар го напушти лани, а кариерата ќе ја продолжи во Јужна Америка и Кина.



