Иновативен, динамичен и возбудлив
Точно дваесет години од појавувањето на оригиналот, Ford ја претстави новата генерација на Focus
Објавено на 16 април 2018 година
Ford Focus е најважен модел на марката и во сите свои генерации досега се има продадено во 16 милиони примероци. Затоа и во Ford се решија дизајнот на долго очекуваниот компакт да биде еволутивен. Со своите меки линии делува складно и истовремено елегантно и динамично. Поставен е на потполно нова платформа конструирана за што подобра безбедност. Габаритите се задржани, а во пространата внатрешност царуваат најдобрите материјали во класата. Доминира екранот чувствителен на допир, со кој може да се командува и со гестикулации. Во прелиминарните спецификации се наведени точно 23 безбедносни асистенти. Посебно се издвојуваат софистицираниот Ford Co-Pilot360 систем со второ ниво на автономно возење. Адаптивниот темпомат може целосно да го запре возилото во градските гужви и после тоа сам да тргне. Не недостасуваат ниту трендовските додатоци, како што се Wi-Fi конективноста, безжичното полнење на мобилен телефон и слично.
Богатата моторна понуда ја сочинуваат по два бензински и дизел агрегати во повеќе верзии. Најмногу се очекува од еднолитарскиот EcoBoost мотор кој ќе биде достапен со 85, 100 и 125 коњски сили. И посилниот 1,5 литарски бензинец има три цилиндри и ќе располага со 150 и 182 коњи. Дизелите се од 1,5 и два литри, со 95, 120 и 150 коњски сили. 6-степената трансмисија е стандард, а посилните агрегати ќе можат да се спарат и со новата 8-степена автоматика. Со неа се ракува со вртење на големото копче сместено таму каде обично е рачката од менувачот. Ford Focus ќе се нуди во три каросериски изведби и со шест нивоа на опременост. Нова е трендовската кросовер варијанта со ознака Active. Се карактеризира со погруб изглед и малку подигната каросерија со теренски засилувања.
Новиот Focus дефинитивно ќе ги измеша картите во компактната класа. Во Ford добро се подготвија и очекуваат овој иновативен, динамичен и возбудлив модел да стане нова ѕвезда во своето пазарно опкружување. За Европа ќе се произведува во погоните во Саарлуис во Германија, каде се вложени дури 600 милиони евра. Продажбата ќе му започне во септември, по цени кои ќе стартуваат од околу 18 илјади евра. ST и RS верзиите треба да се очекуваат во 2019 или 2020 година.