Унгарците повторно победија на тендерот за набавка на електрични автобуси за Македонија
Автобусите на Ikarus се познати на овие простори, но тие што ќе стигнат кај нас немаат никаква врска со оние што ги знаеме – некогашните беа од Србија, а овие се унгарски. Заедничко им е само името кое компанијата од Земун мораше да го промени во Ikarbus. Но таа повеќе не постои. Унгарската компанија пак успеа да се препороди после турбуленциите на транзицијата. Основана е пред 130 години како работилница за поправка на кочии. Со текот на годините се префрла на сервисирање и производство на камиони а потоа и на автобуси. После втората светска воја станува еден од најголемите производители на автобуси во источните земји – во златните времиња продаваа и по 12 илјади годишно. Но култниот статус што го уживаа не ги спаси од пропаста после паѓањето на берлинскиот ѕид. Издржаа некако до 2007-мата кога прогласија банкрот.
Три години подоцна се вратија со нов сопственик и силна државна поддршка која ја уживаат и сега. Посебно во последните години благодарејќи доста на одлуката на властите сите нови автобуси во градовите со повеќе од 25 илјади жители да бидат исклучиво електрични, поддржана со скоро 100 милиони евра. Понудата моментално им се состои од два модела, на кои наскоро ќе им се придружи и трет. Главната разлика е во должината која изнесува 8, 12 или 18 метри. Средниот по големина кој ги исполнува условите од нашиот тендер има капацитет за 85 патници и автономија од 350 километри. Електромоторот испорачува 350 киловати односно 476 коњски сили а батериите по потекло од CATL имаат декларирана трајност од 3.000 полнења.



