Hyundai ја покажа обновената четврта генерација на Tucson уште лани во ноември, но само за корејскиот пазар. Иако беше јасно дека европскиот и американскиот модел нема многу да се разликуваат, сепак нивните спецификации изостанаа.
Сега кога дојде време да се запознаеме и со нив, може да кажеме дека новиот Tucson однадвор е поубав, одвнатре подобар, исполнет е со опрема а палетата мотори останува широка. Tucson кој уште од 2004-тата кога тргна по својот европски пат го свртува вниманието на купувачите кон себе, во својот дизајн не претрпе големи промени.
Не ни требаше бидејќи сé уште изгледа доволно провокативно – разликите се само на предната маска, светлата и браниците. Внатре пак се среќава ново опкружување кое ја задржа прогресивната привлечност на досегашниот модел, префинета и елегантна каква што купувачите ја знаат.
Нивото на удобност е подигнато повисоко а редизајнирани се контролната табла, управувачот и централниот наслон за раце. Инфо-забавниот систем кој сега изгледа како кај електричните Ioniq модели има поголем дисплеј визуелно споен со оној на инструмент таблата.
Се забележуваат и уште некои суптилни измени, а нов е и софтверот кој подржува дигитален клуч од втората генерација. За подобра безбедност пак се грижат интелигентниот систем на предните светала и ажурираните асистенти за помош на возачот.
Во поглед на моторизацијата достапни се многу опции – бензинци и дизели, благи, нормални и плаг-ин хибриди. Значајно дополнување на палетата е плаг-ин хибридната варијанта со погон само на предните тркала која ќе пристигне подоцна годинава.
И овој модел ќе го поддржува таканаречениот Green Zone Driving режим на возење кој овозможува возилото незабележително да се префрли на струја во зоните со ограничувања на издувните емисии, таму каде што ги има.


