Пополнета и последната SUV празнина
Со енергичен потег, Ford ја пополни последната празнина во европската субкомпактна кросовер класа
Објавено на 27 јуни 2019 година
Најновиот протагонист во европската субкомпактна SUV- класа го има познатото име Ford Puma и како некогаш е базиран на платформата на Fiesta. Разликата е во тоа што пред две децении беше мало купе, а сега е спортско-корисно возило. Заеднички им се агресивниот дизајн и привлечноста на трендовски извлечените линии кои треба да придонесат за позитивен одговор на купувачите. Во нив се забележуваат семејните сличности со другите модели од марката, но и храбрите потези кои треба да навестат дека новата Puma има остри заби. Атлетскиот изглед го нагласува предниот дел со фаровите со специфичен светлосен потпис. Бескомпромисно делува и силуетата, која завршува со изразено подигнатиот заден дел токму како на дива мачка подготвена за скок. Во внатрешноста се среќаваат елементи познати од другите понови модели на Ford. Од нив посебно внимание привлекуваат дигиталниот кокпит и големиот екран на инфо-забавниот систем.
Дека Ford Puma сепак нема само градски карактер и намена за урбана употреба сведочат детали кои на прв поглед не се забележуваат. Нив идните сопственици ќе ги дознаваат на рати, од кои првата ја испорача Ford преку багажникот. Акцентот ставен на практичноста на Puma ѝ донесе двојна подница со зафатнина од 80 литри, која на дното има чеп за испуштање на насобрана вода. Како заклучок се наметнува тоа дека со мноштвото скриени таленти овој модел лесно ќе се снајде во сите пригоди. Новата Puma во својата најинтересна верзија ќе биде понудена со еднолитарски EcoBoost мотор кој со благото хибридно засилување ќе испорача 155 коњски сили. Овој погонски систем ќе биде на располагање и со 125 коњи, а купувачите ќе можат да бираат и меѓу конвенционалните бензински и дизел изведби со распон на силината од 95 до 120 коњски сили. Погонот на сите тркала не е ниту во опција. Ford Puma кај нас треба да пристигне при крајот на годинава и ценовно да се смести меѓу летаргичниот EcoSport и поголемата Kuga. За крај и информацијата дека ќе се произведува во Романија.